Министерството за труд и социјална политика денеска соопшти дека работи на расветлување на случајот со малолетното девојче од Домот 25 Мај кое вчера во полиција пријавило дека непознато лице извршило други полови дејствија над неа, додека престојувала на летување во Струга.
-МТСП е во постојана комуникација со МВР и до овој момент нема потврда дека се работи за силување. Установата веќе ја обезбеди потребната стручна помош и заштита на девојчето и постапува согласно процедурите. Истовремено, МВР презема мерки за целосно расчистување на случајот, се вели во соопштението од Министерството за труд.
МВР претходно соопшти дека 14 годишно девојче од Скопје од Домот за деца со социјални проблеми кое престојувало во одморалиштето „25-ти Мај“, синоќа во Полициската станица во Струга пријавило дека истиот ден околу 16 часот непознато лице извршило други полови дејствија врз неа.
Според пријавата, девојчето било на плажа и потоа заминало кон излезот од Струга. Таму била пресретната од непознато лице со непознато возило, кое се понудило да ја превезе.
По кратко време лицето застанало во близина на село Калишта и го сторил делото, по што ја вратил во одморалиштето. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, информираа од МВР.