Победничко деби на Луис Енрике на клупата на шпанската фудбалска репрезентација. „Фуријата“ ја совлада Англија на „Вембли“ со 2:1 за прв триумф во Лондон по пауза од 37 години. Домашната селекција поведе во 11 минута со погодокот на Маркус Рашфорд, две минути подоцна израмни Саул, а во 32. минута погоди и Родриго по асистенција на Алкантара. Мечот мина во сенка на тешката повреда на Лук Шо кој остана да лежи во безсознание на тревата, беше изнесен на носилки, но подоцна се огласи преку социјалните мрежи и порача дека се чувствува добро.
За шпанскиот национален тим ова беше натпревар без пораз. Последниот го претрпе од Италија во осминафиналето на Европското првенство во 2016 година додека последниот триумф среде Лондон го прослави во далечната 1981 година кога конечниот резултат, исто така, беше 2:1. И тогаш трите гола беа постигнати во првото полувреме.
Англичаните, пак, го претрпеа првиот пораз на „Вембли“ по ноември во 2007 година. Последна селекција што успеала да слави на легендарниот фудбалски храм на Островот беше Хрватска (3:2) во завршното квалификациско коло за ЕП 2008.
Швајцарија го „разнесе“ Исланд со 6:0, меѓу стрелците и гостиварецот Мехмеди
Швајцарија на импресивен начин ги започна настапите во УЕФА Лигата на нации. На „Кибунпарк“ во Сент Гален беше декласиран Исланд со 6:0. Сите шест гола беа дела на шест различни играчи. Серијата голови ја отвори Стивен Цубер во 13. минута, десет минути по него во листата на стрелци се впиша и Денис Захарија.
Во вториот дел мрежата на Халдорсон ја „решетаа“ и Џердан Шаќири со прекрасен погодок од слободен удар во 53. минута, потоа Харис Сеферовиќ во 67. минута, Албијан Ајети во 71. минута и гостиварскиот Швајцарец, Адмир Мехмеди во 82. минута.
На кормилото на Исланд дебитира Швеѓанецот Ерик Хамрен.
Рекордна домашна победа на Луксембург
Репрезентацијата на Луксембург ја забележа најубедливата победа на домашен терен во својата историја. Во воведниот меч од втората група во Лига Д, Луксембуржаните ја совладаа Молдавија со 4:0 со головите на Кевин Малгет во 34. минута, на Оливие Тил во 60. минута, на Даниел Синани во 75. минута и на Кристофер Мартинс во 83. минута.
Најубедливата победа воопшто на Луксембург останува онаа со 6:0 против Авганистан во рамки на олимпискиот турнир во Брајтон во 1948 година.
УЕФА Лига на нации
Лига А
Група 2: Швајцарија – Исланд 6:0
Група 4: Англија – Шпанија 1:2
Лига Б
Група 3: Северна Ирска – БиХ 1:2
Лига Ц
Група 2: Естонија – Грција 0:1
Финска – Унгарија 1:0
Лига Д
Група 2: Луксембург – Молдавија 4:0, Белорусија – Сан Марино 5:0