Граѓанската иницијатива „Урбани уметнички акции“ заедно со кампањата „Зачекори напред! Изборот е твој“ на десетина граѓански организации, организираа акција со која на граѓаните на еден поинаков начин ќе им прикажат што значи идното членство на Македонија во ЕУ. Денеска во близина на Буњаковец е поставена инсталација на еврото.
-Секоја земја членка на Европската унија по прифаќањето на eврото како валутa има право на монетите да ги аплицира своите симболи. Водени од оваа констатација се надеваме дека набргу ќе дојде денот кога шарпланинецот, рисот, охридската пастрмка и другите нашите симболи ќе заблескаат на монетите на еврото. Со оваа акција ние како група урбани уметнички акции решивме на свој начин онака како што најдобро знаеме да ги подджиме напорите за приближување на Македонија и нејзините граѓани кон ЕУ како насока за која нема замена. Сметаме дека со оваа акција на граѓаните пластично ќе им прикажеме што значи идното членство во ЕУ и барем за момент ќе го прошараме сувопарниот предреферендумски пејзаж во Македонија, велат урбаните уметници.
Десетина граѓански организации пред неколку дена започнаа кампања „Зачекори напред! Изборот е твој“, со која на граѓаните во наредните три недели преку серија јавни и медиумски активности ќе се обидат да им ја доближат Европската унија и нејзините политики, како и да одговорат на бројни прашања поврзани со тоа што треба да направи Македонија на патот кон ЕУ и НАТО и што ќе добие со евроатланската интеграција.