Фудбалерите на Вардар го нанижаа и четвртиот триумф во низа и останаа на врвот на табелата во домашното првенство. „Црвено-црните“ попладнево во Штип ја совладаа Победа со 1:0 и ја зголемија предноста во однос на Академија Пандев на четири бода пред меѓусебниот дуел во наредниот викенд. Стрелец на единствениот гол за шеста вардарова радост во сезоната беше Бразилецот Лира во 56. минута.
Шкендија која во шампионатот влезе како бранител на тронот и најсериозен кандидат за титулата ремизира без голови на стадионот „Кукуш“ против Академија Пандев.
Работнички, пак, не успеа да ја прекине негативната резултатска низа и да најави дека полека излегува од криза. Дебармаалци овојпат како домаќини одиграа 1:1 против Беласица и паднаа на шестото место на табелата. Себастијан Ерера во 27. минута реализира за водство на составот на Ѓоре Јовановски што десет минути подоцна го поништи Филип Ивановски.
Со идентичен резултат заврши и средбата во Кратово меѓу Силекс и Македонија. Христијан Костовски уште во третата минута погоди за ѓорчепетровци, бод за кратовци сочува Дарко Алексовски во 83. минута, две минути по исклучувањето на Емануел Мбела.
Единстената победа на домашните екипи ја забележа Ренова во мечот со Шкупи. Екипата од Џепчиште славеше со 2:0 со головите на Фатјон Јусуфи во 17. минута и на Влатко Стојановски во 56. минута од пенал.
Прва лига, 8 коло
Академија Пандев – Шкендија 0:0
Победа – Вардар 0:1
Работнички – Беласица 1:1
Силекс – Македонија Ѓ.П. 1:1
Ренова – Шкупи 2:0
Табела: Вардар 20, Академија Пандев 16, Шкендија 15, Победа 11, Ренова 10, Работнички 10, Беласица 9, Македонија Ѓ.П. 7, Силекс 6, Шкупи 5.
Идно коло (6 октомври, 2018 година): Вардар – Академија Пандев, Шкендија – Ренова, Македонија Ѓ.П. – Победа, Шкупи – Работнички, Беласица – Силекс.