Меѓу големиот број на официјални лица кои упатија честитки по синоќешното гласање во македонскиот Парламент за отворање на Уставот и косовскиот претседател, Хашим Тачи. Тој ја поздрави одлуката и ја опиша како пример за единство на сите партии во корист на граѓаните и државата.
„Државата се зајакнува и интегрира кога се носат вистински одлуки во корист на народот и се надминуваат партиските интереси на сметка на државните. Република Косово се радува на оваа многу важна одлука на нашата соседна држава. Мирот и стабилноста во регионот се зајакнува само преку решителна потврда на евроатлантската ориентација и напорна работа за интегрирање во европското семејство“, напиша Тачи на Фејсбук.
Претходно се огласија еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, известувачот за Македонија во европскиот парламент, Иво Вајгл, европратеникот Едвард Кукан, амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, австрискиот канцелар Себастијан Курц, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, итн.