Обвинителството за организиран криминал побарало од црногорските власти да им ги предадат видеоснимките од надзорните камери од граничните премини низ кои поминал Никола Груевски при влезот и излезот од Црна Гора.
Вилма Русковска која е шеф на Обвинителството за организиран криминал, за Телма кажа дека се води истрага и за тоа како Груевски се движел низ Македонија, и дека веќе се разговарало со некои лица, но детали не соопшти поради тоа што станува збор за случај во предистражна постапка.
За бегството на Груевски и дали имало пропусти кај судијата за извршување санкции денеска расправаше и Судскиот совет. „Во врска со бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, Судскиот совет изразува загриженост за настаната состојба. Од причина што во јавноста се изнесуваа информации за евентуални пропусти во постапувањето на Основниот суд Скопје 1 Скопје, ја информираме јавноста дека од страна на Советот се преземаат сите активности, согласно закон, пишува во соопштението од Судскиот совет.

За бегството на Никола Груевски се оглaси и црногорскиот министер за надворешни работи Срѓан Дармановиќ кој рече дека немало никаква повреда на дипломатскиот протокол.
„Во времето кога Груевски одлучил да бара азил во Унгарија, за него не беше објавена потерница, ниту Македонија укажа дека тој го прекршил законот. Црногорските надлежни органи постапија како и со секој друг граѓанин, тој беше во друштво со дипломат и немаше законски проблеми да влезе или да ја напушти нашата држава“, рече министерот.
Според црногорската полиција, Груевски влегол во Црна Гора на 11 ноември во 19.19 часот, на граничниот премин Божај, користејќи лична карта на свое име. Тој бил во возило „фолксфаген џета“ во друштво на службеници на унгарската Амбасада, а истиот ден преку граничниот премин Добраково, влегол во Србија.
Груевски во Црна Гора влегол од Албанија, но македонските власти се уште не одговорија како поранешниот екс премиер осуден на две години затвор ја напуштил Македонија.