Во резултатски „лудата“ вечер во Лигата на шампиони што ја најавија Викторија Плзен и ЦСКА Москва, се надоврзаа Јанг Бојс и Валенсија. Швајцарскиот состав го порази фаворизираниот Јувентус со 2:1, резултат со кој и шпанскиот претставник на „Месталја“ славеше над Манчестер јунајтед во мечевите од завршното шесто коло во групата Х.
Поразите на Јувентус и Манчестер јунајтед не се одразија негативно по нивните амбиции во групната фаза во ЛШ. Двете екипи обезбедија осминафинален печат по минаттото коло, па единствено нејасно пред вечерашните гостувања беше дилемата кој ќе оди во ждрепката како првопласиран на табелата, а кој како второпласиран.
Двоен стрелец за Јанг Бојс во големата победа над италијанскиот првак беше Гилем Орау во 30. минута од пенал и во 68. минута по додавање на Нгамало. До крајот „старата дама“ успеа само да го облажи поразот преку Паоло Дибала во 80. минута.
Валенсија има комотни 2:0 (Солер во 17. минута и Џонс (автогол) во 47. минута) до финишот на средбата со Манчестер јунајтед кога погоди Маркус Рашфорд во 87. минута за конечни 2:1.
Последниот билет за осминафинале во фудбалската Лига на шампиони го резервира тимот на Олимпик Лион кој одигра 1:1 во Киев против Шахтјор Доњецк. Украинскиот првак поведе преку Мораеш во 22. минута, предноста на домашните ја анулира Фекир во 65. минута.
По вечерашните дуели во Е – Г групниот сегмент, познати се сите 16 екипи што ќе продолжат во Лигата на шампиони на пролет. Тоа се Борусија Дортмунд, Атлетико Мадрид, Барселона, Тотенхем, ПСЖ, Ливерпул, Порто, Шалке, Баерн Минхен, Ајакс, Манчестер сити, Олимпик Лион, Реал Мадрид, Рома, Јувентус и Манчестер јунајтед.
Од Лигата на шампиони во нокаут фазата во Лига Европа се селат: Бриж, Интер, Наполи, Галатасарај, Бенфика, Шахтјор Доњецк, Викторија Плзен и Валенсија.
Лига на шампиони
Резултати, 6 коло
Група Е
Ајакс – Баерн Минхен 3:3
Бенфика – АЕК 1:0
Табела: Баерн Минхен 14, Ајакс 12, Бенфика 7, АЕК 0.
Група Ф
Шахтјор Доњецк – Олимпик Лион 1:1
Манчестер сити – Хофенхајм 2:1
Табела: Манчестер сити 13, Олимпик Лион 8, Шахтјор Доњецк 6, Хофенхајм 3.
Група Г
Викторија Плзен – Рома 2:1
Реал Мадрид – ЦСКА Москва 0:3
Табела: Реал Мадрид 12, Рома 9, Викторија Плзен 7, ЦСКА Москва 7.
Група Х
Валенсија – Манчестер јунајтед 2:1
Јанг Бојс – Јувентус 2:1
Табела: Јувентус 12, Манчестер јунајтед 10, Валенсија 8, Јанг Бојс 4.