Франција е нов европски ракометен шампион во женска конкуренција. „Триколорките“ во финалето на турнирот што се играше во нивната земја ја совладаа Русија со 24:21 (полувреме 13:12) и за првпат во историјата се закитија со континентално злато за обединување на најважните титули во светскиот ракомет со оглед дека лани го освоија и мундијалот во Германија по триумфот над Норвешка (23:21).
Натпреварот во „АкорХотелс арена“ во Париз донесе рамноправна игра што особено беше цврста во одбрана на што упатува и малиот број на погодоци. Французинките уште од самиот почеток се стекнаа со минимална предност што успеаја да ја одржат до полувреме. Продолжението беше уште потврдо, па поранешната вардарка Алисон Пино во 36 минута доби црвен картон, но и без домашната селекција умееше да зголеми на плус три гола и не дозволи да биде загрозен до крај на средбата.
Руските ракометарки во неколку наврати стигнаа на чекор до израмнување, но, сепак, не успеаја да го дофатат. Франција повторно го подигна нивото и, резултатско, безбедно го приведе кон крај финалниот меч на Европското првенство за реванш на „зборнаја“ за поразот во воведниот меч од групната фаза на шампионатот.
Бронзениот медал го освои Холандија чии ракометарки во малото финале ја совладаа Романија со 24:20 (полувреме 15:8).

ЕП во ракомет (ж)
Финале: Франција – Русија 24:21
За трето место: Холандија – Романија 24:20
За петто место: Норвешка – Шведска 38:29