Михаел Шумахер останува топ тема во денешниот спорт. На денешен ден (29 декември) во 2013 година, најуспешниот пилот во историјата на Формула 1 имаше пад за време на рекреативно скијање на француските Алпи. Ниту заштитната капа што ја носеше не му помогна да ги избегне тешките повреди на главата при ударот во карпа. Експресно беше префрлен во болницата во Гренобл во која беше подложен на две комплицирани операции и ставен во индуцирана кома.
Интензивната нега ја напушти по пет месеци од зафатите и преместен на одделот за рехабилитација. Летото во 2014 година ја напушти Франција и беше транспортиран во универзитетската болница во Лозана, а на почеток на есента се врати во својот дом во Глан, мало место во близина на Женевското езеро.
Оттогаш трае потрагата по информации за состојбата на седумкратниот Ф1 шампион. Медиумите постојано изразуваат интерес и бараат одговори, но безуспешно. Дел шпекулираат дека беспомошно лежи во болнички кревет, други, пак, тврдат дека самостојно се движи низ дома и дека добро се опоравува. Гласини се и трошоците за негово лекување и нега и во тој контекст, агенциите, споменуваат сума од 55.000 евра месечно.
Едно од лицата што се грижи за состојбата на Шумахер е менаџерката Сабине Кем. Таа повремено дава изјави за медиумите од општ карактер и најчесто се дека негово семејство се обидува да направи најдобро за опоравување на Германецот.
„Ги разбирам луѓето што се интересираат за здравствената состојба на Шумахер, но неговото семејство, истовремен, сака да ја задржи приватноста“, се воглавно пораките на Кем.
Жан Тод, претседател на Интернационалната автомобилистичка федерација (ФИА), е еден од луѓето за кои јавноста верува дека е запознат со состојбата на Михаел Шумахер. Но, и поранешниот шеф на германскиот пилот и негов пријател молчи за она што најмногу ги интересира медиумите. Во последното интервју тој говореше за Формула 1, но не отрки детал за популарниот Шуми.
Шумахер е рекордер во Формула 1 шампионатот со седум шампионски титули и рекордни 91 победа. Првите две во 1994 година и во 1995 година ги освои како возач на Бенетон, а во периодот 2000-2004 година триумфира уште пет пати во болид на Ферари. Германецот учествуваше во 308 трки и дури 155 пати беше на некое од местата на победничкиот подиум.