Езџан Алиоски е првиот македонски фудбалски репрезентативец како стрелец во новата година. Офанзивниот крилен играч погоди за Лидс јунајтед, но Нотингем Форест на крајот, сепак, славеше со 4:2 во 26. коло од англискиот Чемпионшип. Алиоски беше стартер кај гостите од „Иланд Роуд“, одигра цел меч, а противничата мрежа ја затресе во 64. минута за водство на неговата екипа со 1:2 во тие моменти.
Меѓутоа домашните ја искористија предноста од фудбалер повеќе на теренот, од 69. минута до 77. минута прославија три погодоци и ги задржаа трите бода на стадионот „Сити Граунд“ во Нотингем.
Лидс јунајтед, и покрај поразот, останува лидер во Чемшионшип со 51 бод, два повеќе од Норич и четири од Шефилд јунајтед. Во наредното коло, на 11 јануари, Алиоски и компанија ќе бидат домаќини на Дерби Каунти.