Задоволство нема, но нема ниту разочарување. Ова е генералниот заклучок во таборот на ракометната репрезентација на Македонија по седумте настапи на СП во Германија и во Данска. Но, индивидуално секој има по нешто да каже по мечевите со Јапонија, со Бахреин, со Хрватска, со Шпанија, со Исланд, со Русија и со Чиле настрана она дека секое учество само по себе на големите собири е успех сам по себе за Македонија.
Ако помладите ги средуваат импресиите од Минхен и од Келн, тогаш играчите со искуство и со стаж во националниот тим и тоа како имаат што да кажат. Еден од нив е Дејан Манасков кој по натпреварот за 15. место со еден од редовните епизодисти на светските првенства, меѓудругото, се осврна и на помладите колеги во репрезентацијата.
„Ако го победевме Исланд ќе беше поинаку, но што е тука е. Кога губиме вината е кај сите, кога победуваме се радуваме сите. За жал толку ни е силата во моментот, далеку сме од европскиот и од светски врв. Се надевам дека младите ќе покажат повеќе во иднина и дека ќе имаат големи успеси“, истакна левото крило на репрезентацијата на Македонија и на Веспрем.
Македонија го заврши шестиот настап на светските ракометни првенства со биланс од три победи и четири порази и на крајот го „одбрани“ 15. место од СП 2017 во Франција.