Македонската футсал репрезентација го освои првото место на претквалификацискиот турнир и со максимален ефект ќе продолжи во главната рунда квалификации за Светското првенство во Литванија во 2020 година. Во последното коло во рамки на групата Ц, националниот тим ја совлада Албанија со 3:2. На стартот беше совладана Грција со 5:3, во второто и Сан Марино со 7:0.
Стрелци за Македонија во триумфот над западниот сосед беа Садат Зибери во првата и во 24. минута и Таулант Исмаили во 25. минута. Головите за Албанија ги постигнаа Бесник Реџепај во шестата минута и Ендрит Кача во 13. минута.
Главната квалификациска фаза за мундијалот е од 22 до 27 октомври. Македонски ривали во неа ќе бидат селекциите на Украина, на Словенија и на Косово. Домаќин на турнирот е Украина.
Претквалификации за СП 2020 во футсал
Група Ц, 3 коло
Албанија – Македонија 2:3
Сан Марино – Грција 1:3
Табела: Македонија 9, Албанија 6, Грција 3, Сан Марино 0.
Главна рунда на квалификации за СП 2020 (22 – 27 октомври)
Група 1: Шпанија, Полска, Грузија, Финска
Група 2: Украина, Словенија, Македонија, Косово
Група 3: Азербејџан, Словачка, Молдавија, Црна Гора
Група 4: Италија, Унгарија, Белорусија, Англија
Група 5: Казахстан, Романија, Холандија, Албанија
Група 6: Србија, Франција, Белгија, Швајцарија
Група 7: Русија, Хрватска, БиХ, Шведска
Група 8: Португалија, Чешка, Летонија, Германија
Најдобрите два тима од секоја група ќе обезбедат место во Елитната рунда квалификации. Ждрепката е закажана на 7 ноември, мечевите ќе се одиграат од 28 јануари до 2 февруари догодина.
Шпанија е единствена со учества на сите осум досегашните СП што, патем, ги освојуваше во 2000 година и во 2004 година. Актуелен светски шампион е Аргентина која во финалето на последниот мундијал во Колумбија во 2016 година славеше над Русија со 5:4. Европската титула, пак, е во сопственост на Португалија.