Наредбата за отворање на вратите во Собранието на 27 април се знае чија била, „на тој што нарачуваше полици за во село“ рече денеска во Судот, обвинетиот Влатко Трајковски во завршните зборови на судењето за 27 април.
„Сите знаеме дека вратите ги отворија Крсто Мукоски и Сашо Василевски по наредба на тој што порачуваше полици за во село“ рече обвинетиот Трајковски.
Вељаноски беше сведок во овој предмет на предлог на шефот на неговото обезбедување, Горан Ѓошевски Леви. Во текот на сведочењето, беа прочитани и пораки кои Вељаноски ги разменувал со Ѓошевски, а во една од пораките се споменува извесен Душко. На прашањето на судијката Кацарска, кој е Душко, Вељаноски одговори дека се работело за приватна работа, односно дека нарачувал полици и рафтови за во село, на што Кацарска коментираше: На 27 април кога и самиот рековте дека атмосферата била тензична, вие сте нарачувале полици?“.
Вељаноски е осомничен од Обвинителството за организиран криминал за организатор на насилствата на 27 април, заедно со Спиро Ристовски, Миле Јанакиевски, Никола Груевски и Никола Бошковски.
На Ристовски и Јанакиевски по барање на Обвинителството, Судот им одреди 30 дена притвор. Судот побара од Собранието да му се одземе имунитетот на пратеникот Вељаноски.
Тој вчера по излегување од Судот негираше дека бил организатор на насилниот упад во Собранието и кажа дека е срамота да го обвинуваат за такво дело.