Екипата на МЗТ Скопје е прв финалист во кошаркарската АБА 2 лига. „Металците“ и во вториот меч во полуфиналето од плејофот славеа над Спарс со 84:70 (по четвртини: 20:16, 21:21, 19:15, 24:18) и со 2:0 го елиминираа тимот од Сараево.
Македонскиот претставник диктираше темпо во текот на целиот меч на што укажуваат и исходите по четвртини. Кошаркарите од главниот град на БиХ останаа во игра по првото полувреме (41:37), но МЗТ Скопје во продолжение заигра поагресивно и постојано ја зголемуваше предноста.
Иве Иванов беше најефикасен во победничката екипа со 24 коша, Дамјан Стојановски уфрли 19, Предраг Самарџиски го заврши настапот со 11 поени. Најистакнат кај гостите од Сараево беше Немања Протиќ со 16 поени, три помалку од него реализира Алмир Хасандиќ.
Противник на МЗТ Скопје во финалето ќе биде подобриот од втората полуфинална серија меѓу Борац Чачак и Приморска. Победникот во наредната сезона ќе игра во елитната АБА лига, поразениот, пак, ќе игра бараж со Задар.