Одличната игра од првото полувреме и двата постигнати гола не беа доволни за репрезентацијата на БиХ за втор триумф во квалификациите за Европското фудбалско првенство во 2020 година. Грците возвратија со два гола во вториот дел и на крајот успеаја до реми (2:2) во дербито на второто коло во групата Ј.
Малку кој очекуваше поделба на бодови на стадионот „Билино поле“ во Зеница според првите 30 минути. Домашните одиграа фуриозно на задоволство на преполните трибини и на селекторот Роберт Просинечки принудувајќи ги Грците на тотална дефанзива и на немоќ во составување со топката и поврзување на линиите во тимот.
На првиот гол се чекаше до десеттата минута. „Змаевите“ изведоа воигран корнер што во гол го претвори Един Вишча за еуфорија во гледалиштето. Грците во тие моменти не знаеја што ги снајде, делуваа збунето и загубено, а накусо потоа добија нов удар. Босанскиот Жунињо, како што го нарекуваат Миралем Пјаниќ, изведе слободен удар во стилот на поранешниот бразилски интернационалец во Олимпик Лион и од преку 30 метри го совлада Одисеас Влаходимос за 2:0.
Трите бода што присутните на стадионот во Зеница ги запишаа во мисли на полувреме, мораа да одземат два на крајот. Грчката репрезентација се смири на одморот, фудбалерите ги средија главите и ослободени од притисок се вратија назад на тревникот. Заиграа порастоварено, посигурно и за поконкретно и стигна до пенал во 64 минута. Егзекутор беше Константинос Фортунис за намалување на 2:1 и давање крилја на соиграчите дека избегнување на пораз е возможна мисија на пеколното гостување во БиХ.
Една минута подоцна директен црвен картон доби Пјаниќ за невнимателен старт врз нога на противнички фудбалер што беше дополнителен ветар во грб за репрезентацијата на јужниот сосед. Селекторот Ангелос Анастадиадис направи три измени во второто полувреме, а еден од резервистите се покажа таличен по грчкиот тим. Димитриос Коловос во игра влезе во 67. минута, а во 85. минута израмни на 2:2 и ги спушти „змаевите“ на „Билино поле“.
Квалификации за Европско првенство во фудбал во 2020 година
Група Д
Швајцарија – Данска 3:3
Република Ирска – Грузија 1:0
Табела: Република Ирска 6 (2 меча), Швајцарија 4 (2), Данска 1 (1), Гибралтар 0 (1), Грузија 0 (2).
Група Ф
Малта – Шпанија 0:2
Норвешка – Шведска 3:3
Романија – Фарски Острови 4:1
Табела: Шпанија 6 (2 меча), Шведска 4 (2), Романија 3 (2), Малта 3 (2), Норвешка 1 (2), Фарски Острови 0 (2).
Група Ј
БиХ – Грција 2:2
Италија – Лихтенштајн 6:0
Ерменија – Финска 0:2
Табела: Италија 6 (2 меча), Грција 4 (2), БиХ 4 (2), Финска 3 (2), Ерменија 0 (2), Лихтенштајн 0 (2).