Јувентус го доживеа само вториот пораз во сезоната и ќе мора да почека на наредна прилика за потврда на новото Скудето во Серија А. Изненадување приреди СПАЛ со триумфот со 2:1 во меч од 32. коло до кој дојде со пресврт во второто полувреме.
„Старата дама“ поведе преку Мојс Кин во 30. минута, Бонифаци израмни во 49. минута, а искусниот Серџо Флокари во 74. минута погоди за голема радост на стадионот „Паоло Маца“ во Ферара, гратче во Емилија Ромања.
Масимилијано Алегри даде поштеда на дел од најдобрите играчи за реваншот со Ајакс во четврт-финалето во Лигата на шампиони иако и во такви ситуации фановите на „бјанконерите“ не се навикнати на порази од, условно, „малите екипи. Меѓутоа нова шампионска титула во Торино е, речиси, архивирана со оглед на 20. бода предност пред Наполи, само прашање на ден е кога ќе добие и печат.
Од друга страна, пак, трите освоени бода за СПАЛ се како планина во борбата за опстанок во Серија А.