Вардар зачекори кон ново учество на завршните турнири во ракометната Лига на шампиони. Плус осум ќе понесе европскиот првак од 2017 година на четвртфиналниот реванш со ПИК Сегед по убедливите 31:23 (полувреме 14:12) во последниот настап на актуелниот состав на „црвено-црните“ вечерва во СЦ „Јане Сандански“.
„Дебелата“ разлика на семафорот во корист на вардарци дојде како последица на одбраните на Дејан Милосављев и по осумте гола на Даинис Кристопанс и Игор Карачиќ. Стрелци во прошталното издание пред скопската публика беа и Сташ Скубе кој постигна шест погодоци, четири пати реализира Тимур Дибиров, три даде Рожерио Фереира Мораеш, по еден вградија Сергеј Горбок и Иван Чупиќ. Најрасположен за игра кај ривалот од Сегед беше Бенце Банхиди со пет гола.
Реваншот меѓу ПИК Сегед и Вардар е на петти мај. Предност по првите четвртфинални дуели и за Барселона која славеше на гостувањето кај Нант со 32:25 и за Веспрем чии ракометари триумфираа против Фленсбург во „Фленс арена“ со 28:22. Двомечот на Виве Кјелце и ПСЖ на Раул Гонзалез почнува во сабота, домаќин е полската екипа.
Лига на шампиони/четврт-финале
Вардар – ПИК Сегед 31:23
Нант – Барселона 25:32
Фленсбург – Веспрем 22:28
Виве Кјелце – ПСЖ (сабота, 18 ч.)