Роденденски желби и честитки има разни, во зависност од возраста на славеникот. Изборот на најмладите воглавно се однесува на играчки, во периодот на школска возраст гардероба, телефони, компјутери, таблети, по завршување на студиите се посакува шетање, работа, среќа, љубов, па доаѓа периодот на заработувачка, кариера, резултати. Во пензионерските денови, кога ќе минат сите претходни животни фази, здравјето е на прво место и надежта дека нема да ве заборават за стореното.
Лазар Лечиќ дефинитивно не е заборавен. Ако некој, и тој самиот, воопшто имаше дилема до денеска, од денеска ја нема и не треба да ја има. Почеста што ја укажаа легендарните кошаркарски и тренерски имиња од Егејот до Триглав е за капа долу. На паркетите многупати се потврдиле како вонсериски играчи и менаџери, а сега ја истакнаа и својата човечка димензија иако никогаш не беше во дилема. Се појавија во Скопје да го збогатат 80. роденден на нивниот македонски колега.
Конгресната сала во хотелот „Александар Палас“ блескаше од кошаркарски великани што сите заедно „тежат“ стотина трофеи на клупски и на репрезентативен план, како активни играчи и како тренери. Каде и да се завртите, погледот завршуваше во познат лик со кој на прва ви доаѓа да ја искористите можноста за фотографирање за спомен. Иво Данеу, Рато Тврдиќ, Дамир Шолман, Драган Радосављевиќ, Благоја Георгиевски-Буштур, Жељко Јерков, Никола Плеќаш, итн. како дел од славната генерација на југословенски кошаркари кои ја покорија конкуренцијата на СП 1970 во Љубљана под водство на тогашниот селектор Ранко Жеравица и тренер Лазар Лечиќ.

Како претставници од помладата генерација се појавија Дино Раѓа, Дејан Томашевиќ, грчкиот „снајпер“, Панајотис Јанакис, Петар Наумовски, Тодор Гечевски, Перо Антиќ. Ѕвезден беше и редот на тренери-колеги на Лекиќ кои беа гости на неговиот роденден како Мирко Новосел, Душан Дуда Ивковиќ, Божидар Маљковиќ, Богдан Боша Тањевиќ, итн.
„Ние не им правиме чест денеска, денеска тие ни прават чест на нас и на Лазар Лечиќ. Ги има од сите држави во регионот и нивно заедничко презиме е кошаркари“, рече Васил Тупурковски, претседател на Македонскиот олимписки комитет (МОК), од говорницата во „Александар Палас“.
Лечиќ, чиј прекар е „гркот“, доби роденденски честитки од сите, а дел од нив споделија по некоја анегдота од искуството што го имале со славеникот. Го нарекоа легенда, досетлив човек со немирен дух кој секогаш знаел да мотивира на посебен начин, го истакнаа неговиот темперамент и изразија чест што имале прилика да работат со него. Меѓутоа и како прв „стилист“ меѓу тренерите кој на полувреме сменил личен опис на играч за да добие натпревар (кошаркар што немал право да продолжи поради лични грешки го натерал да се избричи во соблекувална).
Георгиевски, пак, се наврати на подготовки за натпревар меѓу Работнички и Олимпија во поранешната југословенска лига.
„Дојде до мене и ме праша колку поени ќе дадам. Му реков не знам, 20 можеби. Добро рече, ти 20, тој 18, оној 15 и ги нареди сите, подвлече линија и рече добро значи ќе дадеме 82 коша, а тие 66“, се присети популарниот Буштур.
Лечиќ е горд на себе, на семејството за поддршката што ја добивал низ годините, на поранешните кошаркари, но и на колегите. Македонија е горда, пак, што го има Лечиќ и благодарна е на кошаркарските величини што се одзваа на поканата да минат уште еден заеднички ден во низата.