Металург е сензационален победник во ракометниот Куп на Македонија во машка конкуренција. Тимот од Автокоманда во финалето на Фајналфор турнирот во Куманово го детронизира Вардар по триумфот на пенали со вкупни 33:32 (мечот во основниот дел заврши 29:29 – полувреме 12:16).
Најефикасен беше Александар Шпенде со девет гола, осум за металурзи постигна Анте Токиќ. Како прв стрелец на вардарци заврши Иван Чупиќ со седум погодоци. За МВП на финалниот турнир е прогласен Марио Танкоски кој го реализира последниот удар во пенал серијата за Металург.
Куп трофејот во женска конкуренција за првпат останува во Куманово чии ракометарки во финалето го поразија ЖРК Вардар со 24:22 (полувреме 11:9). Ана Шарановиќ ги предводеше кумановки со седум гола, еден повеќе од најефикасната вардарка, Ивона Трпевска.