Масимилијано Алегри повеќе не е тренер на Јувентус. Шокантниот наслов е лансиран преку официјалната интернет страница на италијанскиот фудбалски шампион и ги „потресе“ Апенините. Детали за прекинот на соработката се оставени за утре попладне (14 ч.) кога е најавена заедничка прес-конференција со претседателот Андреа Ањели.
„Старата дама“ ја одбрани титулата во Серија А, но учеството во Лигата на шампиони го заврши во четврт-финалето со елиминација од Ајакс. По реваншот во Торино, Алегри уверуваше дека исходот од двомечот нема да се одрази врз неговата иднина во клубот. Но, се чини, не е така.
„Разговарав со претседателот. Останувам во Јувентус и за наредната сезона за која веќе почнавме да се подготвуваме“, рече во таа прилика Алегри.
Неуспехот во ЛШ со Кристијано Роналдо во составот, сепак, зема данок. Се покажа како преголем товар за продолжување на соработката меѓу менаџерот и „бјанконерите“ кои повторно се прошетаа до „Скудето“, но елитното натпреварување на УЕФА останува сон и за управата и за навивачите. Алегро во Јувентус пристигна во 2014 година по ангажманите во Калјари, во Сасуоло, во Гросето и во СПАЛ. Пет пат ја освојуваше калчолигата и по двапати триумфира во италијанскиот Куп и Суперкуп. Двапати играше и во финале во ЛШ и двапати загуби, првиот пат од Басрселона, вториот пат од Реал Мадрид.
Како главен кандидат за наследник на Алегри на клупата на Јувентус се споменува Антонио Конте.