Дури ниту ироничната понуда за придружба со воен авион не можеше да влијае на Ерменецот Хенрик Мкитарјан да отпатува во Азербејџан и да заигра за Арсенал против Челзи во вечерашното финале во Лига Европа, пишува Радио Слободна Европа на англиски јазик.
„Што уште можевме да направиме? – Можеме да пратиме приватен авион по него во придружба на два Ф16 борбени сокола, морнарски брод, итн. Навистина не знам што да сториме“, со разочарување праша министерот за спорт на Азербејџан, Азад Рахимов за „Си-Ен-Ен“.
Ниту ветувањата на високи официјални претставници во Баку, на амбасадорот на Азербејџан во Велика Британија и челниците на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) не беа доволни за 30 годишниот Ерменец кој минатата недела објави дека е „принуден да донесе тешка одлука“ и да не тргне на пат со Арсенал.
„Тоа е тип на натпревар што не е чест за фудбалерите и мора да признам дека ми е тешко што ќе го пропуштам“, напиша Мкитарјан на Твитер на 21 мај.
Транскавкаските соседи Ерменија и Азербејџан и натаму се заглавени во спорот околу територијата на Нагорно Карабах што ја окупира ерменската армија по повеќегодишните крвави борби на почетокот на 90-те години од минатиот век. Во воениот конфликт се раселија стотина илјади Азербејџанци и етнички Ерменци во регионот. Но, граничните инциденти и натаму се присутни и носат по неколку жртви годишно, воглавно војници кои се стационирани на заедничката гранична линија долга 1.000 километри. Воените дејствија од минатото сè уште будат политички фрустрации во сегашноста што ја попречуваат меѓусебната соработка во областите како спорт, забава или култура.

Баку во 2015 година беше домаќин на првите Европски олимписки игри, настан на кој учествуваше и ерменски тим со 25 спортисти. Азербејџанците силно негодуваа и навиваа против претставниците од соседната земја што особено се истакна низ примерот со ерменскиот борач во грчко-римски стил, Михран Харутјунијан кој се закити со сребро. Ситуацијата не успеа да ја извади ниту претседателот на Азербејџан, Илхан Алиев кој реши лично да го врачи медалот на Ерменецот пришто ја замоли публиката да изрази почит. Но, залудно.
„Случајот Мкитарјан“ како политичка игра?
Одбивањето на Мкитарјан кој е роден во Ереван не е ништо ново. Финалето во Баку што ќе се одигра вечерва на националниот стадион со капацитет од 69.000 места е негово трето во кариерата. Лани одби на патува со Арсенал на меч со Карабаг во групната фаза во Лига Европа, а во минатото и со Борусија Дортмунд на гостување во Азербејџан.
Некои го обвинуваат Мкитарјан дека со таквите негови постапки игра политички игри за осуда на соседот на неговата земја.
„Сали мислам дека прави политичка игра? – Се плашам дека е така“, изјави амбасадорот на Азербејџан во Велика Британија, Тахир Тагизадех.
Други, пак, сметаат дека Мкитарјан кој со Никита Симонијан и Корен Хованисјан се сметаат за најголеми ерменски фудбалери на сите времиња не треба да ризикува и да чувствува несигурност додека игра.
„Тоа е нечуено. Патување во Азербејџан како и патување во секоја авторитарна земја на крајот се сведува на лична одлука. Проблемот е што навивачите, играчите и луѓето кои треба да одат и да ја работат својата работа се ставаат во невозможна ситуација и мора да одлучуваат меѓу уживање со својата екипа или вршење на сопствената работа од една страна и етнички принципи и сигурносни причини од друга страна“, вели Ронан Евајн, извршен директор на организацијата на фудбалски навивачи во Европа со седиште во Хамбург.
Евајн, чија организација обединува илјадници навивачки групи, унии и други здруженија поврзани со фудбалската игра, истакна дека бил загрижен уште од моментот на носење на одлуката Баку да биде домаќин на годинашното финале во Лига Европа.
„Загрижени сме од првиот ден поради состојбата со човековите права, во врска со капацитетот на аеродромот и со општиот стил на на полициски методи на азеребјџанските власти“, вели тој.
Многу фанови на двата клуба останаа дома
Илјадници навивачи на Арсенал и на Челзи речија да не патуваат во Баку поради големите трошоци, тешкотии со авионските летови и престојот. Финалистите во Лига Европа за оваа сезона истакнаа дека не успеале да ги продадат сите влезници (по 6.000) што им беа доделени за вечерашниот натпревар.
Од Челзи се пожалија и на малиот број на „чартер летови“ до Баку во деновите околу мечот и на „лошата транспортна инфраструктура“. На тоа официјални лица во Азербејџан понудија алтернативни летови за симпатизерите на „сините“ до Тбилиси и од главниот град на Грузија да користат воз за дополнителни 12 часа пат до местото на натпреварот, предлог што беше одбиен.
Голем број на британски државјани со ерменско потекло се пожалија на социјалните мрежи и дека биле одбиени за виза порази презимињата иако нема официјална потврда на таквите наводи. Други пак рекоа дека воопшто не се обиделе да аплицираат и покрај гаранциите на азербејџанските власти дека ќе одобрат нивно присуство на натпреварот.
Проблемите што произлегоа за финалето во Лига Европа за сезоната 2018/19 доведоа до прашање „зошто Баку?“
„Ситуацијата со Мкитарјан е нешто што не треба да се случува во денешниот фудбал. Мислам дека тоа не е нормално во 2019 година, во Европа со многу софистицирани демократии да не можете да играте од политички причини“, истакна Арсен Венгер кој беше на кормилото на Арсенал од 1996 година до лани.
Барања и во врска со човековите права
Азербејџанската метропола догодина ќе биде домаќин и на три средби на Европското првенство што Евајнб смета дека ќе биде последна проблематична ситуација во која се вплеткува УЕФА.
„Организацијата на финалето е доделена пред две години. Сега би било поинаку затоа што УЕФА воведе барања во врска со човековите права во условите за кандидирање. Земјата што сака да биде домаќин на финале во европско натпреварување ќе треба да исполни одреден број на барања во врска со човековите права што верувам дека Азербејџан не би ги исполнил ако сега би се одлучувало за град домаќин на финалето“, смета Евајн.
Мора да осигураме и да не дозволиме Азербејџан да ја „пере“ ужасната состојба со човековите права со фудбалски фанфари, стои во соопштението на „Амнести Интернешенл“ во Велика Британија потпишано од директорката Кејт Ален.
„Азербејџамн е зафатен со злобно сузбивање на човековите права, со немилосрдни напади на новинари, блогери и бранители на човекови права. Неправедни судења и натаму се вообичаени“, пишува во дописот на „Амнести Интернешенл“.
Ален укажува и на лошата состојба со ЛГБТ правата во Азербејџан и на многу припадници на заедницата кои биле уапсени или кои избрале да заминат од земјата за да избегнат прогон.
Евајн нагласи дека неговата организација соработувала со УЕФА за вршење на притисок врз азербејџанските власти за укинување на барањата при аплицирање на виза што мора да содржат дека подносителот нема ХИВ. Тоа е чиста хомофобија – целна дискриминација, вели тој и изрази надеж дека официјално Баку трајно ќе го укине таквиот услов.