Судија за извршување санкции при Основниот кривичен суд – Скопје, надлежен да постапува по предметот од обвинителството означен како „Труст“, изготви и достави упатен акт за Сеад Кочан, според кој тој на 17 јули треба да се јави на издржување на казната затвор во наведената казнено поправна установа, соопштија од Судот.
Кочан со правосилна пресуда е осуден на ефективна казна затвор од 4 години и 8 месеци откако Апелација во март годинава му ја намали првостепената казна од 6 години на која беше осуден за злоупотреба на јавна набавка во јули 2018.
Неодамна ОБСЕ реагираше дека предолго трае постапката од издавањето наупатниот акт до денот кога треба да започне издржувањето на затворската казна. Овој рок за Никола Груевски траеше 20 дена, а за Кочан е уште подолго- 27 дена.
ОБСЕ побара законски да се намали овој рок.
Бегството на Кочан и улогата на Вангеловски
Случајот со Кочан го следеа многу контроверзи. Во март 2017 година Кривичниот суд му одреди притвор на Сеад Кочан, но тој уште истата вечер исчезна и речиси два месеци не му се знаеше трагата. Неговиот адвокат само тврдеше дека тој е на „службен пат“ Во меѓувреме Кривичниот суд по барање на Специјалното јавно обвинителство замрзна имот и три сметки на сопственикот на „Трансмет“, а Врховниот суд во мај заседаваше и донесе одлука за укинување на притоворот, која за многумина беше контроверзна и беше поврзувана лично со претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски наводно поради неговите врски со претходната власт.
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија тогаш реагираше дека оваа одлука на Врховен отвора сериозен сомнеж за политички влијанија за усвојување на незаконското решение, кое според оваа организација е преседан кој е во спротивност со принципот на владеење на правото.
По ова случајот се врати во Кривичниот суд на повторно одлучување, каде адвокатот на Кочан Никола Додевски тврдеше дека Кочан не бил во бегство, туку бил болен. Кривичниот суд во мај лани одлучи Кочан да достави гаранција од речиси 900.000 евра и му одреди мерки на претпазливост наместо притвор.
Освен контроверзноста околу одлуката на Врховниот суд за притворот на Кочан, случајот стана познат и по тоа што во времето кога Кочан беше недостапен за полицијата државните електрани (ЕЛЕМ) склучиле договор вреден 2,5 милиони евра со повеќе фирми, од кои „Трансмет“ добила околу 150 илјади евра.
Овој случај заврши со тврдењето на ЕЛЕМ дека Трансмет се откажала од договорот, бидејќи компанијата не била во можност да ги исполни обврските од договорот, за што државните електрани ќе ја активирале банкарската гаранција од 300.000 евра.
За улогата на претседателот на Врховниот суд Вангеловски во овој случај, како што изјави пред неколку дена претседателот на Судскиот Совет Киро Здравев, ќе се одлучува кога „комисијата ќе оцени и ќе го предаде Извештајот до Судскиот совет“. За Вангеловски и за уште двајца судии на Врховниот суд се води постапка за да се утврди дали имало одговорност кај нив кога одлучиле да го ослободат од притвор бизнисменот Сеад Кочан.





