Бразилецот Хуан Фелипе Алвеш Рибеиро (31) или попознат како Фелипе и официјално е претставен нов член на Шкендија. Досегашниот вардарец потпиша едногодишен договор со македонскиот фудбалски шампион со можност за продолжување на соработката за дополнителна сезона.
Она за што се шушкаше во изминатите денови, сега доби и потврда од раководството на тетовските „црвено-црни“. Фелипе ќе се стави на располагање на тренерот Ќатип Османи по враќање на екипата од Естонија каде во вторник од 19 часот ќе игра против Номе Калју во првото квалификациско коло за Лигата на шампиони. Реваншот е на 16 јули на арената „Тоше Проески“ во Скопје од 17 часот.
Фелипе потекнува од фудбалските погони на брасилски Сантош. Во неговата родна земја играше и за Санто Андре, за Ред Бул Бразил и Сао Карлос, една сезона беше член и на Ориенте Петролеро во Боливија, а во Европа, покрај Вардар, настапуваше и за ЦСКА Софија и за Каират.