Aнтикорупциската комисиjа бара од Службите за општи и заеднички работи да го раскинат Договорот со поранешниот претседател Ѓорге Иванов за закуп на канцелариски простории за кои месечно само за кририја се исплаќаат 1.950 евра.
Претседателката на Антикорупциската Билјана Ивановска рече дека од документите кои ги добиле, утврдиле дека Договорот „бил склучен во нетранспарентна постапка“ со лица блиски до корисникот и му овозможуваат на сопственикот да се стекне имотна корист.
По завршувањето на мандатот, Иванов закупи канцелариски канцеларии во зградата на Џеваир од 274 метри квадратни. Освен месечната кирија од 1.950 евра, за поранешниот претседател се исплаќаат и плати за тројца вработени, се подмируваат комуналните сметки, му следува службено возило и возач чие комплетно одржување се плаќа од Буџетот, а претседателот има пензија во висина од месечната плата. Сите овие привилегии важат доживотно.
Од државниот буџет се исплаќаат и повеќе од 2000 евра за трошоците за поранешниот претседател Бранко Црвенковски и вкупните трошоци само за кирии за двајцата поранешни претседатели достигнуваат до 4.500 евра.
Антикорупциска сугерира, на поранешните претседатели да им се доделат канцелариски простории кои се во државна сопственост и за кои нема да се плаќа кирија.
Ивановска исто така додаде дека споредбата што ја направиле со другите земји во соседството покажала дека во ниту една земја нема доживотни привилегии за поранешните претседатели. Досега во изминативе 10 години, од Буџетот биле издвоени повеќе еден милион евра за сите привилегии на претходните претседатели.
-Ние не сме виделе какви резултати имаат поранешните претседатели и затоа ваквите трошоци ги сметаме за непродуктивни, рече Ивановска. Таа додаде и дека со пензијата која ја добиваат поранешните претседатели до крајот на својот живот и за кои не важат условите за пензионирање се нарушува начелото на еднаквост.
Тие ќе поднесат иницијатива до Уставниот суд да ги преиспитаат одредбите од Законот кои им дава привилегии на поранешните претседатели, а до Собранието ќе поднесат иницијатва да се преиспита времетраењето на правата и привилегиите.
-За сиромашна држава како што е нашата, привилегиите на поранешните претседатели се луксуз кој треба да се преиспита, рече Ивановска.