Група хакери поврзани со Иран во август и во септември се обидела да ги пробие адресите за електронска пошта на американски тим во претседателската кампања во САД, на владини претставници и на новинари, соопшти „Мајкрософт“.
Центарот за сајбер безбедност на компанијата ги следел активностите на групата чии членови се обиделе преку 2.700 пати да идентификуваат електронска пошта на корисници, а потоа и да „нападне 241 налог“, изјави Том Барт, потпретседател на фирмата задолжен за безбедност и доверба на клиентите. Се верува дека групата е „од Иран и дека е поврзана со тамошната Влада“.
„Профилите кои биле цел на напади се поврзани со тим од претседателска кампања во САД, сегашни и поранешни владини претставници, новинари кои покриваат меѓународни политички односи и познати Иранци кои живеат надвор од нивната земја“, рече Барт.
Хакерите на крајот успеале да пробијат само четири налози од кои ниту еден не бил поврзан со политичка кампања или владата, тврди „Мајкрософт“. Официјални Техеран и Вашингтон водат остар спор од мај во 2018 година, кога САД еднострано се повлекоа од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година и повторно воведоа економски санкции.