Судењето за случајот „Тотал“ во кој е обвинет Драган Павловиќ Латас почна од почеток, затоа што поминале 90 дена во кои не било закажано рочиште. На 20 септември, судењето беше одложено поради непотполн судечки совет, а претходното рочиште кое беше закажано на 11 јули судијата Ѓоко Ристов го одложи затоа што немаше информатичар кој требаше да ги пушта бомбите во судот.
Павловиќ повторно се изјасни дека не се чувствува виновен.
-Ниту суштински ниту фактички сум сторил даночно затајување, ниту се препознавам во обвинението. Не се чуствувам виновен, бидејќи постапката се темели на неколку незаконски дејствија. Прво, обвинителството достави вештачење од неовластен вештак.
Како и секој друг управител кој работи според закон и јас сум дејствувал според решенијата на УЈП, која утврдила дека не должиме даноци. И сега јас имам решенија дека фирмите не должат даноци. Очекувам судот да ги цени материјалните факти“, рече Латас во своите воведни зборови.
По излагањето на Латас, рочиштето се одложи за 22 октомври.
Случајот „Тотал“ третпат почнува од почеток, а судијата Ристов е трет судија кој го води предметот. Досега се сменија две судијки Софче Гаврилова – Ефремова и Славица Наумовска – Јосифовска. Првото судење почна на 5 декември 2017 година, а речиси две години потоа, судењето против Латас се уште е на почеток.
„Тотал“ неколкупати беше одложуван поради отуство на обвинетиот, а потоа и поради отсуство на адвокатите. Овој предмет беше прогласен и за рекордер во одложувањата – откако во Извештајот на СЈО беше нотирано дека во период од 6 месеци од 7 закажани рочишта, шест биле одложени.
По ваквиот Извештај на СЈО објавен во април годинава, Претседателот на Судот Иван Џолев изјави дека вината не е кај Судот.
„Рочиштата за предметите не се одложуваат поради Судот, туку странките во предметите. Честопати одбраната со медицински белешки бара одложување или едноставно не се појавил некој од обвинетите, и тука нема место за друг потег освен одложување. Обвинетиот го болело стомак или средното уво, имал висок притисок и слични оправдувања кои се заведени во медицински белешки“, изјави Џолев.
Случајот „Тотал“ се однесува на даночно затајување од страна на новинарот Драган Павловиќ-Латас како сопственик и управител на фирмите за маркетинт и консалтинг услуги „Тотал маркетинг“, „Медиамакс“ и „Тотал медиа центар“.
Павловиќ-Латас се товари дека во периодот од 2008 до 2015 заедно со правни лица со намера да одбегнат плаќање даноци во завршните сметки и даночните пријави давале лажни податоци. Правните лица го оштетиле буџетот за 121 илјада евра, а Павловиќ-Латас за 63 илјади евра.
Освен „Тотал“ и други 10 предмети на СЈО досега се враќале од почеток. Само во изминатите три недели од почеток почнаа пет судски предмети на СЈО : „Насилството во Центар“„Тендери“, „Трезор“ „Транспортер“ и „Тортура„.Пред самиот финиш, наместо пресуда за пратеникот на ДУИ Ејуп Алими и Исмет Гури во предметот „Титаник 3“, предметот почна од почеток затоа што судијката побара да се изземе.