По неколкудневната блокада и партиски надмудрувања, Законот за зголемување на пензиите помина во Комисијата за труд и социјална политика, а сега треба да биде потврден во Законодавно-правната комисија, за конечно да го добие зелено светло на пленарна седница пред Нова година. Пензионерите се затекнати и уплашени дека може да останат без ветените покачувања.
Претседателот на Комисијата за социјални прашања, Влатко Ѓорчев, ги обвини пратениците од владејачкото мнозинство дека всушност тие го блокирале собраниското тело со тоа што неприсуствувале на закажаната седница и на тој начин го закочиле зголемувањето на пензиите. Пратеничката од СДСМ, Јагода Шахпаска, во изјава за Нова ТВ го демантира Ѓорчев и тврди дека тој манипулира со јавноста и дека се обидел свесно да ја блокира работата на комисијата што ја предводи.
Се дрзнал, како што вели таа, да закаже седница за 20 минути, се обидел да ги тестира колегите дали се подготвени за спринт низ собраниските ходници, за потоа сам да си ја отвори седницата и апсурдно да ги обвини пратениците од владејачката коалиција за саботажа на сопственото законско решение.
Комисијата за труд и социјала почнала да работи со четирите закони – за детска заштита, за социјална заштита, за младински додаток и за пензиите кои беа ставени на дневен ред на пленарната седница на 11 декември. За нив, како и за низа други законски решенија, се утврдила потребата од нивно носење по скратена постапка.
„Откако ќе се утврди потребата на пленарна седница автоматски се задолжуваат претседателите на соодветните Комисии веднаш да свикаат седница бидејќи станува збор за скратена процедура. Но, седницата се закажа дури за 13 декември. Колегата Ѓорчев не претседаваше со седницата, туку неговата заменичка. Поминаа два закона, за младински додаток и детска заштита, но не и тој за пензиите, по што тие ја прекинаа седницата, иако немавме пленарна седница, целиот ден беше слободен“, тврди пратеничката од СДСМ, Јагода Шахпаска за Нова ТВ.
Образложението било, како што вели таа, дека имаат партиска обука со НДИ во град надвор од Скопје.
„Јасно беше дека ја прекинуваат седницата за да имаат простор да кочат. Од 16 декември до вчера воопшто не беше закажана седница. Дури вчера во 10.11 минути ни стигна порака дека ќе почне седницата во 10,30 часот откако јавно ги прозвавме дека ги блокираат законите. Јас сум кординатор на колегите за таа Комисија. Се потрудив да ги соберам, иако во меѓувреме се одржуваа и седници на други комисии. Јас, на пример, бев присутна на Комисијата за европски прашања“, вели Шахпаска.
Во 10.30 часот таа, сепак, била на закажаното место – пред салата каде требало да се одржи седницата. Во исто време ВМРО-ДПМНЕ имало партиска координација која траеле до 10.45 минути.
„Стоејќи на вратата ги повикав да дојдат моите колеги кои беа во салата „Борис Трајковски“ на јавната расправа за јавните политики во образованието. За да бидете физички присутни во салата каде што требаше да се одржи седницата на Комисијата за труд и политика потребни се неколку минути. Во тој момент присутни сме само јас, Ѓорчев и пратеничката Благица Лашкоска. Но Ѓорчев вклучува камери и почнува да зборува и обвинува надвор од сите деловнички процедури. Кога видов дека ја отвора седницата побарав процедурално, за да им објаснам на граѓаните што всушност се случува“, појаснува Шахпаска.
Според неа, не може за 20 минути да се закаже седница, тоа е, вели, неодговорно.
„Сепак, тој сам си ја почна седницата и ја затвори под изговор дека нема кворум. Тоа е спинување, лажење на јавноста. Повторно ќе кажам јас ги викнав колегите од јавната расправа за образованието да се приклучат. Тука бевме сите, во Собрание, на работното место. Тоа дефинитивно беше обид да се блокира седницата. Сепак, на крајот притисокот и повикувањето на одговорност вроди со плод. Со работа завршивме околу 13 часот. Во тие два часа беше сизифовска мака да пројде законот за зголемување на пензиите. Очекувам тој да пројде и на пленарна седница пред Нова година. Опозицијата не може да си дозволи, во спротивно ќе покажат дека едно говорат, друго прават“, нагласува Шахпаска.
Премиерот Зоран Заев денеска најави дека е можно одложување на изборите, доколку во Собранието не бидат донесени суштински закони.
„Суштинските закони, ако предизвикаат кочење на пензии, на социјалните трансфери на покачувањето на платите, го блокираат сето она што значи живот за граѓаните, тогаш изборите може и да се одложат. Ова не го испраќаме како закана заради тоа што одговорноста на секој пратеник, без разлика дали е од власта или опозицијата е исто така одговорност и на Владата и на локалните самоуправи и сите кои земаме плата од граѓаните. Секојдневно следам што се случува во парламентот и ако перфидноста на користењето на филибастерингот – дали станува збор за изборното законодавство, дали е за пензиите, ги кажувам како примери кои се многу значајни, бидејќи тоа може да значи пролонгирање на процесите. Јас тоа не го посакувам, сто пати сум кажувал дека изборите не треба да се одложуваат, но истовремено, граѓанска должност е, но секако и политичка да не дозволиме било што да го закочи интересот за реализација на граѓаните“, рече Заев.
Премиерот изрази верување дека овие денови ќе може низ дебата и низ парламентарна процедура да се донесат самите одлуки, бидејќи, како што вели, ниту парламентот ќе се распушти, ниту ќе гласаат пратениците на незавршени закони.
„Ќе дојде 12 февруари и одредени закони кои се важни за граѓаните нема да бидат завршени и имаат свој импакт и во март, април, мај и во септември. Не ја гледам логиката зошто да се гласа за распуштање на парламентот“, додаде Заев.

Пратеникот Илија Димовски, пак, го обвини Заев дека ќе бара три илјади можни начини како да ги одложи изборите.
„Цело време се обидува да внесе збрка и во Собранието, меѓу коалициските односи во неговата Влада и со разни идеи само за да избега од изборите. Веројатно во текот на вчерашниот ден добил нови анкети на својата маса и видел дека трендот на поддршката која тој ја има е во екстремно надолна линија“, рече Димовски.
Ние, како што рече, никогаш не сме правеле проблем во Собранието за суштинските закони.
„Напротив, правиме проблем за кршење на Деловникот. Правиме проблем кога се ставаат на дневен ред точки кои не исполнуваат деловнички услови да бидат ставени на дневен ред како точки. Правиме проблем кога се блокира Собранието во една недела со 300 закони, а во целиот мандатен период од три години наназад нема донесено 300 закони. Правиме проблем кога на опозоцијата не и се дава основно право од 130 точки да предложи барем една точка на дневен ред за која ќе се разговара. Во конкретниот случај тоа беше нашата идеја да разговараме за аерозагадувањето и животната средина, рече Димовски.
Додаде дека барале да се разговара оваа недела поради тоа што е неопходно да се реши проблемот. Според него, вчера се случила најироничната ситуација во државата. „Советот за национална безбедност разговараше на тема загадување, но мнозинството во Собранието предводено од СДСМ одлучи дека тоа не е адекватна тема за разговор на Собранието. Ама затоа десетици и десетици закони со кои ќе се вдомуваат членови на СДСМ, десетина одлуки каде членови на партиски комисии на СДСМ ќе добиваат државни функции се ставени на дневен ред и Собранието ќе работи на тие точки“, рече Димовски.