Владата на денешната 174 редовна седница го утврди текстот на Предлог-законот за ратификација на договорот со НАТО потпишан во Вашингтон на 4 април во 1949 година. Наредна инстанца за Протоколот е Собранието каде се очекува предвремена ратификација. На денот на објава во „Службен весник“, според владината прес служба, документот ќе биде испраќање во Вашингтон, а ќе стапи во сила, откако и Шпанија ќе го ратификува Протоколот за пристапување на нашата земја за полноправно членство во Алијансата.
Предвремената ратификација со одложено дејство ја иницира ВМРО ДПМНЕ. Премиерот Заев неодамна истакна дека вреди да се разгледа опцијата, меѓутоа таквата иницијатива е неопходно да произлезе од Владата што се случи денеска.
Шпанскиот Сенат е последна адреса во земјите на НАТО што треба да го ратификува Протоколот за македонско членство. Процедурата заврши во Парламентите на сите 28 членки на Алијансата, но закочена е на Пиринеите од причина што официјален Мадрид сè уште е без Влада по ноемвриските избори на кои победи Социјалистичката партија на досегашниот премиер Педро Санчез. Се поизвесно е дека тоа нема да биде новогодишна честитка за земјава во која, пак, се поизвесни се изборите на 12 април.
На 3 јануари, ако се оди според планот, е најавена оставката на Зоран Заев и во наредните 100 дена функционирање со техничка Влада на чело со досегашниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, чија цел ќе биде организација на изборите. Актуелниот состав на македонскиот Парламент, пак, треба да се распушти на 60 дена до изборите или на 11 февруари.
Поради изборните процедури, вицепремиерката Радмила Шекеринска апелира на подготвеност за свикување на Собранието и ратификација на Протоколот за членство во НАТО. Собранинскиот претседател Талат Џафери, пак, претходно истакна дека ратификација на Протоколот со одложено дејство не е можна и нагласи оти тоа треба да се остави за наредниот парламентарен состав.