Претседателот на САД, Доналд Трамп, најави дека на нишан ќе бидат 52 ирански цели доколку Иран нападне Американци или имот на САД како одговор на воздушниот напад во кој беше убиен иранскиот командант Касим Сулејмани во Ирак. Тој на Твитер напиша дека Иран „многу смело зборува за таргетирање одредени американски цели“ како одговор на смртта на Сулејмани.
„Ова е предупредување за Иран доколку нападне Американци или американски имот. Ќе бидеме насочени кон 52 ирански позиции, од кои дел се „многу важни за Иран и иранската култура“, и тие мети ќе ги погодиме многу брзо и силно“. САД повеќе не сакаат“, објави американскиот претседател.

Трамп нагласува дека во изборот на бројот на цели има симболика со 52 Американци што беа држени како заложници во Амбасадата на САД во Техеран во 1979 година.
„Тој (Сулејмани) веќе ја напаѓаше нашата Амбасада и се подготвуваше за нови напади на други локации. Иран со години не беше ништо друго освен проблем“, напиша Трамп на Твитер.
Зариф до Трамп: Таргетирање културни локалитети е воено злосторство
Иранскиот министер за надворешни работи, Мохамед Џавад Зариф, му возврати на американскиот претседател Доналд Трамп со предупредување дека таргетирање на ирански културни места ќе претставува воено злосторство.

„По сериозното кршење на меѓународното право во петокот со атентат врз иранскиот генерал Касим Сулејмани во Ирак, господинот Трамп се заканува дека повторно ќе го прекрши меѓународното право“, напиша иранскиот шеф на дипломатијата на Твитер.
САД почнаа со префрлање на повеќе од 4.000 војници во Кувајт
САД почнаа со префрлање на повеќе од 4.000 војници од составот на 82-та воздушно-десантна дивизија од база во Северна Каролина во Кувајт. Според потполковник Марк Барнс околу 700 војници заминале за Кувајт оваа недела. На ред се 3.500 американски војници кои треба да бидат префрлени во следните неколку денови.

Зголеменото американско воено присуство на Блискиот исток е резултат од стравувањата на Вашингтон од веројатни одмазнички напади од Иран по убиството на Сулејмани.
Ал Шабаб нападна база во Кенија каде се сместени и американски војници
Борци од сомалиската исламистичка група Ал Шабаб денеска нападнаа воена база во Кенија што ја користат локални и американски војници.
„Беше извршен напад, но тој беше одбиен“, изјави портпаролот на локалната власт.

Нападот беше извршен врз базата Камп Симба, лоцирана во областа Ламу во близина на кениската граница со Сомалија. Од Ал Шабаб тврдат дека во нападот „е уништена воената опрема на американските сили“.
Ирански хакери урнаа сајт на американска федерална агенција
Ирански хакери, во меѓувреме, урнаа интернет страница на американска федерална агенција и објавија пораки со ветувања за одмазда за смртта на иранскиот генерал Касим Сулејмани. Страницата на Федералната агенција за објавување владини публикации (FDLP – Federal Depository Library Program) била сменета со страница со натписи на англиски и персиски јазик.

„Ова е порака од Исламска Република Иран. Нема да престанеме да даваме поддршка на нашите пријатели во регионот – угнетените народи на Палестина, Јемен, Бахреин, народот и владата на Сирија и на Ирак“, е пораката што била закачена на страницата.
Тие тврдат дека сајтот е урнат од „ирански хакери“, членови на „група за сајбер-безбедност на Иран“. Во пораката се упатува предупредување дека виновниците за смртта на Сулејмани ќе ги стигне „ужасна одмазда“.
Телото на Сулејмани пренесено во Иран
Телото на иранскиот воен командант, генерал Касим Сулејмани, кој беше убиен во петокот во напад на САД со дрон, денеска беше транспортирано во Иран, каде беше пречекано од бројни граѓани. Ирански медиуми објавија видео во кое се прикажува како од авион се изнесува ковчег со телото на Сулејмани, завиткан во иранско знаме додека свири воен оркестар.

Иранските власти го пренесоа телото на Сулејмани во Ахваз, град кој беше главна сцена на борбите меѓу Ирак и Иран од 1980 до 1988 година во кои се истакна Сулејмани.
Погребот на генерал Сулејмани е планиран во вторник во неговиот роден град Керман.
Курц предлага средба во Виена на високо ниво меѓу САД и Иран
Претседателот на Австриската народна партија и веројатен иден канцелар на државата, Себастијан Курц предложи да биде домаќин на средба на високо ниво меѓу Иран и САД во Виена во насока на намалување на тензиите во односите меѓу Вашингтон и Техеран.
„Виена е подготвена да биде место за преговори ако Иран и САД побараат одново да водат дијалог“, нагласи Курц во интервју за „Билд ам Зонтаг“.
Тој додаде дека во австрискиот главен град многупати се воделе преговори за иранската нуклеарна програма, а дипломатијата ја оцени како единствено средство за решавање на несогласувањата.
„Убиството на генералот Сулејмани беше реакција на акциите на Иран и однесувањето пред нападот. Непрекинато се извршуваа напади врз американски дипломати и институции“, нагласи Курц.