Коста Начевски е назначен за вршител на должност директор на Јавното претпријатие „Дрисла“, откако од позицијата претходно беше разрешен Горан Ангелов. Централниот регистар и официјално го впиша како вршител на должноста директор на ЈП „Дрисла“, Коста Начевски.
Шилегов вчера на прес-конференција објави дека депонијата „Дрисла“ со решение од Централен регистар станува јавно претпријатие на Град Скопје.
„Со ова решение од Централен регистар денеска и официјално завршува деветгодишната авантура на ВМРО-ДПМНЕ со која овој моќен градски капацитет беше даден на користење на несоодветни т.н. „партнери на градот“. Во периодот што следува, за исправноста на работењето на депонијата „Дрисла“ ќе одговара Град Скопје и јас лично како ваш градоначалник“, порача вчера Шилегов.
По седницата на Советот на Град Скопје закажана за 29 јануари ќе бидат избрани управен и надзорен одбор на сега веќе градското јавно претпријатие за управување со комунален отпад.