Ник Кирјос важи за, можеби, најтемпераментниот тенисер на АТП турот. Честопати знае да влезе во конфликт со судии, да се расправа со публика, да пецка противници што го оддалечува од статусот на најомилен во светот на „белиот спорт“. Но, и тој е човек, подготвен да покаже емоции и на осминафиналниот дуел на Австралија опен против Рафаел Надал излезе во дрес на Коби Брајант.
Причината е позната. Со потегот, Кирјос му оддаде почит на славниот кошаркар кој го загуби животот во хеликоптерска несреќа во околината на Лос Анџелес. Со гестот на „Род Лејвер арена“, јасно стави до знаење колку се восхитувал на ликот и делата на кошаркарската ѕвезда на лејкерси, а во еден момент за време на петминутното загревање пред мечот не можеше да ги исконтролира емоциите и заплака.