Групата „Јавна соба“ на мобилната апликација „Телеграм“ денеска е затворена. Информацијата ја потврди Министерството за внатрешни работи (МВР) од каде додаваат дека реакцијата следува по барањето што беше испратено викендот.
Во понеделникот беа приведени креаторот и администраторот на групата. По извршените разговори и прибавените докази против нив се очекува да биде поднесена кривична пријава. Истрагата ја води Бирото за јавна безбедност (БЈБ) кое продолжува со активности за евентуална вмешаност и на други лица.
Во групата „Јавна соба“ се споделуваа експлицитни фотографии, видео материјали со порнографска содржина и телефонски броеви со ценовници за наводни услуги на девојките. Групата броеше повеќе од 7.400 членови меѓу кои имаше и малолетници.
Неодамнешните настани во врска со групата креирана преку „Телеграм“ на која размената на содржини вклучуваше и неовластено споделување фотографии и видеа од малолетни лица и млади девојки претставуваат аларм кој повикува да се спроведе поусогласена меѓусекторска акција за заштита на децата и младите од опасностите што ги предизвикува насилството преку интернет, сајбер насилството и дигиталното вознемирување, апелираат од УНИЦЕФ.
Во неа содржани четири точки и тоа – зголемена соработка меѓу секторите за здравство, образование и заштита за реализација на програма за ментално здравје на адолесцентите и програми за превенција од меѓу-генерациско пренесување на насилството и негативните искуства, инвестирање во едукативни програми за безбедно користење интернет за деца и млади кои ќе опфатат повеќе содржини, инвестирање во подготвеност на училиштата да одговорат на траума и да обезбедат професионални услуги и јавноста и професионалците треба да знаат да препознаат дека децата се пред сѐ деца, мора да внимаваат да не ги понижуваат, да не ги етикетираат, виктимизираат и да не ги изложуваат на секундарна виктимизација.
Во ноември лани, Владата потпиша формална заложба за пристапување кон Глобалното партнерство за ставање крај на насилството врз децата. Од УНИЦЕФ ја повикуваат Владата да стави крај на сајбер насилството како една од првите приоритетни акции за зајакнување на превенцијата, митигацијата и целен одговор на насилството врз децата и апелира до медиумите да се воздржат од споделување на такви фотографии кога известуваат за вакви и слични случаи.
Интернетот стана дел од животот на младите без оглед на нивото на нивни приходи. Според најновите податоци со кои располага Државниот завод за статистика, 100 отсто од младите на возраст од 15 до 24 години во нашата земја користат интернет, 96 отсто од нив го користат секој ден или скоро секој ден, 90 отсто се дел од социјалните мрежи; 94 отсто разменуваат пораки и 95 отсто испраќаат содржина која самите ја креираат. Ова е далеку поголемо темпо на употреба на интернет во однос на другите возрасни групи.