„Христијан Мицкоски е стечаен управник на ВМРО-ДПМНЕ. Најрасипничката партија со милионски долгови не може и нема да ја води државата“, напиша Зоран Заев на својот Фејсбук налог.
„Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски јавно призна дека ВМРО-ДПМНЕ во моментот е најзадолжена политичка партија, со долг од околу осум милиони евра. Христијан Мицкоски е стечаен управник, извршител на Никола Груевски, осуден криминалец и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој ја задолжи земјава со милијарди евра, а неговата партија со милиони евра“, стои во постот на лидерот на СДСМ и поранешен премиер.
Ако својата партија ја задолжиле со 8 милиони евра, што би се случило со државниот буџет, прашува Заев, кој, пак, како пример за задолжување на државата го наведе проектот „Скопје 2014“. За него, пишува лидерот на СДСМ, „тврдеа дека ќе чини 80 милиони евра, а потрошија речиси 700 милиони евра“.
„Кога секој член од нивната партија го задолжиле со стотици евра, со колку илјадници евра би го задолжиле секој граѓанин на нашата држава ако повторно се доберат до државната каса? – Со николку бидејќи граѓаните нема да дозволат да допрат до државниот буџет. Политичарите недомаќини со лепливи прсти губат на избори“, нагласи Заев.
Тој потсети дека бруто надворешниот долг на државата во периодот 2006 – 2017 година (прв квартал) порасна од околу 2,5 милијарди евра на околу 7,7 милијарди евра или за повеќе од 5 милијарди евра.
„По признанието дека ВМРО-ДПМНЕ должи околу осум милиони евра, Христијан Мицкоски ѝ должи на јавноста одговори на многу прашања како на пример кога и кој ги направил тие милионски долгови и дали тие пари се потрошени на луксузните лустери, скап мебел, персиски теписи, дисплејот од речиси 100.000 евра и уметничките слики од неколку стотици илјади евра? – Колку банкарски сметки поседува ВМРО-ДПМНЕ и дали позајмените осум милиони евра воопшто легнале на сметките на партијата? – Колкава е вредноста на луксузната палата на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со земјиштето под неа и луксузните предмети во неа и на сиот замрзнат имот ширум државата, кој го стекнаа за време на нивното криминално владеење?“, се вели на крајот на постот на Заев.