Ситуацијата во североисточна Сирија се заканува да ескалира од час во час, доколку не се преземат брзи и конкретни мерки по вчерашните воздушни напади на сириската армија во кои загинаа најмалку 33 турски војници, предупредува портпаролот на Обединетите Нации (ОН), Стефан Џјужарик.
„Генералниот секретар Антонио Гутереш го повтори својот повик за итен прекин на огнот и ја искажува својата голема загриженост за последиците што воената ескалација може да ги има врз цивилите. Ако нема брза реакција, ризикот од ескалација ќе се зголеми од час во час“, се вели во соопштението на портпаролот на ОН.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ги осуди „воздушните напади на сирискиот режим и нејзиниот руски сојузник“ во провинцијата Идлиб, а САД ги повикаа Сирија и Русија да ја запрат својата „грозоморна офанзива“ во која вчера загинаа најмалку 33 турски војници.
„Ние ја поддржуваме Турција, нашиот партнер во НАТО и продолжуваме да бараме моментален крај на оваа грозоморна офанзива на режимот на Асад, Русија и силите поддржани од Иран“, се вели во соопштението на Стејт Департментот на САД.
Гувернерот на турската област Хатај, Рахми Доган, истакна дека бројот на загинатите турски војници во воздушниот напад во Идлиб се искачи на 33 лица, јави агенцијата „Анадолија“.
Нато на вонредни консултации по барање на Турција поради ситуацијата во Сирија
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг за денеска закажа вонреден состанок со амбасадорите на земјите членки за новонастанатата ситуација во Сирија. Свикан е на барање на Турција која се повикува на член 4 од Вашингтонскиот договор, според кој секоја земја од Алијансата може да побара консултации со своите сојузници доколку идентификува закана за нејзината безбедност, територијален интегритет или политичка независност.
Столтенберг синоќа ги осуди воздушните напади на Сирија и Русија во сириската провинција Идлиб. Најмалку 33 турски војници беа убиени вчера во воздушните напади во провинцијата Идлиб за кои Турција смета дека се дело на сириската армија. Анкара се одмазди со напади против позиции на армијата на сирискиот претседател Башар ал Асад. САД повикаа да се стави крај на офанзивата на Идлиб и изразија поддршка за Турција.