Двајцата инфектолози и главната медицинска сестра на штипското Инфективно одделение, кои во изминатиот период беа секојдневно на своите работни места и работеа во услови кога 14 здравствени работници се наоѓаа во самоизолација, се негативни на ковид-19, информира директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев.
На ова одделение, за време на викендот, на работа треба да се вратат 10 здравствени работници кои по вториот тест се покажаа дека се негативни.
„Се прават нови распореди за работа на медицинскиот персонал на ова одделение. Во моментот на штипското Инфективно одделение имаме тројца инфектолози од Штип, се врати едниот инфектолог кој по вториот тест се покажа дека е негативен, а на помош ни доаѓа и инфектологот од Кочани, вели Ѓеорѓијев.
На ова одделение денеска се лекуваат осум пациенти со коронавирус од целиот источен регион, еден пациент од вчера попладнето е испратен на Клиниката за инфективни болести. На одделението остануваат и пет сомнителни случаи.
Позитивни на коронавирус се вкупно шест здравствени работници од Клиничка болница-Штип, од кои двајца лекари (инфектолог и анестезиолог), две медицински сестри и двајца болничари. Во самоизолација се четворица здравствени работници од одделението за ортопедија.