Основниот кривичен суд Скопје објави дека вработеното лице во судската писара е ковид негативно за што, како што се наведува во соопштението, до управата е доставен и резултатот од теститањето. Ваквата реакција од таму доаѓа по информацијата во некои портали и профили на социјалните мрежи од 1 јуни дека вработен во судската писара е позитивен на ковид-19.
„Апелираме до медиумите и до сите останати субјекти што лиферуваат информации за судот на портали и на социјални мрежи, истите да ги проверуваат. Судот се залага за транспарентно и отчетно работење и има одлечна соработка со поголем дел од медиумите. Но, потребно е да се напомене дека секоја непроверена и неточна информација, освен што наштетува на угледот на институцијата, може негативно да се одрази и на некои недолжни колеги или граѓани како во овој случај“, стои во дописот од Основниот Кривичен суд Скопје.
Досега, нагласуваат од Кривичен, дека неколку пати е информирана јавноста дека Судот строго се придржува до препораките за заштита од коронавирусот.
„Судниците и судските простории редовно се дезинфицираат, а на вработените и странките кои влегуваат во судот им се мери температурата со безконтактни уреди. Секој е должен да носи заштитна маска и ракавици, се одржува растојание на присутните во судниците, канцелариите и писарниците, а сите вработени кои се хронично болни, самохрани родители или чуваат дете помало од 10 години се ослободени од работа. До овој момент ниту еден вработен не пријавил дека имал контакт со заболен и дека му е дадена препорака за самоизолација, а доколку некој пријави дека е позитивен на вирусот, судот ќе ги преземе сите мерки согласно напатствијата на здравствените власти“, се заклучува во соопштението.