Основниот суд Скопје изрече вкупно 28 години затвор за еден државјанин на Македонија и тројца на Пакистан за сторено кривично дело „криумчарење на мигранти“ што е казниво по член 418–б став 3 во врска со став 4 и 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Првообвинетиот Б.А. (45) од Македонија по признавање на вина на главната расправа е прогласен за виновен и судот му изрече казна затвор во траење од четири години и шест месеци, додека за тројцата државјани на Пакистан Ш.Р. (40), М.Х. (28) и А.Р. (23) се изречени затворски казни во траење по осум години.
„Постапката против обвинетите започна по добиена информација од страна на органите на Србија кои добиле пријава од пријател на две жртви. Вечерта на 1 ноември во 2019 година околу 22 часот беше спроведена полициска акција и при претрес на куќата на Б.А. беа пронајдени дванаесет мигранти меѓу кои и две малолетни лица“, се вели во соопштението на Јавното Обвинителство (ЈО).
Во истражната постапка, како што е наведено во дописот, надлежен обвинител утврди дека во периодот од средината на октомври до 1 ноември лани во село Ваксинце, кумановско-липковскиот регион, четворицата обвинети заедно и по претходен договор прифатиле и засолниле мигранти по потекло од Индија, Авганистан, Пакистан и други земји од Азија.
„Со намера да се стекнат со материјална корист за себе и за Б.А, обвинетите Ш.Р., М.Х. и А.Р. постапувале особено понижувачки и сурово кон мигрантите, присилно држејќи ги спротивно на нивната волја во дел од куќата сопственост на обвинетиот Б.А.. Жртвите добивале еден оброк дневно, биле физички малтретирани, а поради пластичните црни кеси залепени на прозорците го изгубиле чувството за време и не знаеле дали е ден или ноќ“, велат од ЈО.
Во таква состојба на дезориентираност, чувство на глад и страв жртвите, биле тепани со црево од страна на обвинетите Ш.Р. и А.Р. кои потоа на мигрантите им ставале нож под грло и им се заканувале дека ќе ги убијат ако не платат или нема да им дозволат да продолжат по мигрантската рута.
„Ваквите настани обвинетиот М.Х. ги снимал со телефон, а потоа видео-клиповите ги испраќал на роднините на мигрантите, укажувајќи им дека доколку не им испратат пари, нивните роднини ќе бидат убиени или нема да им дозволат да ја напуштат куќата. Роднините на мигрантите биле присилени по пат на „хавала систем“, да ги испратат бараните средства коишто мигрантите му ги давале на рака на обвинетиот М.Х. Доколку договорените износи не биле навремено испратени, обвинетите Ш.Р., М.Х.и А.Р. ги тепале мигрантите со црево, а малолетните жртви ги присилувале и да чистат“, пишува во соопштението на ЈО.
Обвинителството во текот на расправата докажа дека на овој начин биле оштетени: мигрант од Авганистан кој веднаш по пристигнувањето во куќата платил 120 евра колку што имал во моментот, а дополнително платил уште 700 евра што му биле испратени од роднините. Двајца мигранти од Индија кои кога пристигнале во куќата платиле 700 евра и 600 евра, а по пет дена престој, исплашените роднини ветиле дека ќе испратат уште по 1.000 евра, но парите не пристигнале до 1 ноември во 2019 година кога обвинетите се приведени.
Двајцата индиски мигранти веднаш по пристигнувањето дале по 1.000 евра, но обвинетите им побарале да доплатат уште по 1.300 евра на што се согласиле нивните семејства, но парите не пристигнале. Мигрант од Авганистан платил 1.000 евра што му ги испратиле роднините, мигрант од Индија платил 500 евра, а малолетен мигрант од Авганистан и покрај тоа што на обвинетите им дал 700 евра што ги испратил вујко му бил задржан во наредните 10 дена со цел да плати уште 500 евра, кои не пристигнале до 1 ноември лани.