Експресно заврши првиот ден од судскиот процес за случајот „Меѓународен Сојуз“ во кој се обвинети Бојан Јовановски, Фросина Ременски, Јасна Мандиќ, Миле Јовановски и Христина Блажевска. Поранешната потпретседателка на Собранието и пратеничка од редовите на СДСМ, Фросина Ременски, преку нејзиниот адвокат Владимир Донески, побара изземање на обвинителката Вилма Русковска што го образложува со сомнежи за пристрасност во нејзиното постапување, па предметот е одложен за 21 јули.
Обвинетите во случајот се товарат за кривичните дела „измама“ и „перење пари“, а обвинетиот Миле Јовановски и за кривичното дело „неовластено држење оружје”.
Судскиот процес го води судијката Софче Гаврилова -Ефремова, а според обвинителството, обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски дека ќе учествуваат во проект преку „Меѓународен сојуз“ на Бојан Јовановски – Боки 13 и ги оштетиле со над еден милион евра.