Крушево и крушевчани во очекување на Комисијата за заразни болести да каже како ќе се прославува Илинден и како ќе се одвива манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“. Според крушевскиот градоначалник Томе Христоски, кој воедно е претседател на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, големиот Илинден и 117-годишнината од Илинденското востание ќе се прослават достоинствено, но очигледно ќе изостанат собирањата. Само се знае дека програмата на манифестацијата ќе биде скратена, но за сè друго, треба да даде препораки Комисијата.
„Владата ја задолжи Комисијата за заразни болести да изготви препораки и решение за прославите за Илинден во Пелинце, во Скопје и во Крушево. Факт е дека нема да има големи собирања, но Комисијата ќе го каже своето. Манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ ќе биде со скратена програма. Најважно ни е да се задржи достоинството за одбележување на големиот Илинден, на потсетувањето на големината на Илинденското востание, но за сè друго ќе ги чекаме препораките. Од тоа зависат и прославата и програмата на Манифестацијата“, изјави Христоски.
Манифестацијата традиционално почнува на 1 август со пречек на коњаниците по што на Гумење се подигнува знамето. Во десетте дена вообичаени се бројните културни настани во чест на значењето на Илинденското востание. Централната прослава на Илинден е на 2 август на Мечкин Камен.