Министерството за култура, преку допис, најостро реагира на вчерашното соопштение на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија што беше дистрибуирано до медиумите од нивната ПР агенција „Навигаторс“.
„Со цел објективно информирање на јавноста, потенцираме дека во наведеното соопштение Агенцијата за филм незаконски го користи логото на Министерството за култура – Сектор за управен и инспекциски надзор. Воедно со соопштението, јавноста е донесена во заблуда бидејќи иницира дека содржината на истото е подготвена и проследена во соработка и со согласност на Министерството за култура“, се посочува во соопштението.
Воедно, од Министерството за култура, односно Секторот за управен и инспекциски надзор, потенцираат дека не е орган кој наложува запирање на истрага која е предмет на работата на друг надлежен орган – Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
„Информираме дека Секторот за управен и инспекциски надзор, записникот од извршен вонреден инспекциски надзор со наод на утврдената фактичка состојба во Агенцијата за филм го достави до Државната комисија за спречување на корупцијата на натамошно постапување согласно нивните надлежности утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“, стои во соопштението од Министерството за култура.