Донесување на стратегија за јавна дипломатија, формирање на мрежа на наши успешни државјани во странство, таргетирана промоција на економски, на културни и на туристички потенцијали на земјава, итн.., се дел од политиките во програмата на новата влада, во делот на меѓународната и на регионалната соработка. Новата влада ќе покрене иницијатива за формирање на регионален Центар за дијалог „Преспа форум“, како што е наведено во програмата за работа што мандатарот Зоран Заев ја достави во парламентот.
„Преспа како географски регион обединува три држави, три нации, различни етнички групи, јазици, традиции, култури. Нејзиното богатство од различности ги обединуваат исклучителните природни богатства и културно историско наследство. Затоа ќе покренеме иницијатива за регионален центар за дијалог – Преспа Форум. Тоа ќе биде регионален форум за добрососедство и решавање на билатерални прашања но и Форум од каде ќе произлезат нови иницијативи за регионална соработка. Во рамки на Форумот ќе поддржиме процес на формирање на канцеларии за младинска соработка МК-ГР, како и сите активности и проекти на канцелариите што ќе овозмоќат размена на искуства и поврзување на младите од двете земји“, се наведува во делот на програмата посветен на регионалната соработка.
Примарен интерес на земјата во регионалната соработка, како што се наведува, е да се развиваат практични мерки кои го олеснуваат секојдневниот живот на граѓаните и ги отстрануваат бариерите за полесна трговија, повеќе инвестиции, поголема мобилност на човечкиот капитал и побрза дигитализација и модернизација на Западен Балкан. За таа цел се најавува отворање на шест нови гранични премини со сите соседни земји за да се овозможи полесна комуникација на пограничните места: Стрезимир – Рестелица (кон Косово), Мајден – Промахи и Маркова Нога (кон Грција), Клепало (кон Бугарија), Лојане – Миратовац и Голеш – Босилеград (кон Србија) и Џепиште -Требиште (кон Албанија).
„Водејќи препознатлива политика, активно ќе учествуваме во работата на Советот на Европа, на ОН, на ОБСЕ, на СТО, на УНЕСКО, како и во сите други меѓународни организации во кои членуваме. Ќе настојуваме да го промовираме успешниот модел на меѓуетничките односи во земјата о добрососедска политика. Во надворешната политика, владата ќе усвои стратегија за јавна дипломатија која внимателно ќе ги одреди целите и насоките, како и задолженијата на сите засегнати и надлежни институции и ќе ги усогласи надворшено-политичките цели и националната политика. Во изготвување на оваа стратегија, покрај претставници од владините институции, ќе бидат вклучени и невладини и меѓународни организации. Ќе формираме мрежа на наши успешни државјани во странство и ќе ги повикаме да помогнат во нашите напори за промоција на државата. Ќе направиме и таргетирана промоција на економските, културни и туристички потенцијали – „Земја на можности“ со акцент на новите успеси во културата: Оскари, Евровизија“, се нагласува во предлог програмата на Заев.
Владата, како што се најавува, ќе продолжи да инвестира во квалитетна дипломатска мрежа, со оптимизација на дипломатските претставништва и зајакнати човечки и технички капацитети во нив. Во Секторот за јавна дипломатија ќе се врши конкретна и темелна подготовка на дипломатскиот кадар со елементи за нивното дипломатско делување во насока на јавната, културната и економската дипломатија.
„Ќе фаворизираме е-амбасади, ќе ги дигитализираме услугите на нашите граѓани кои патуваат надвор од земјата или се на привремен и постојан престој надвор од Северна Македонија преку воведување на апликација „е-амбасада“ со цел нашите ДКП-а навремено да излезат во пресрет на потребите и барањата на нашите граѓани“, се наведува во програмата, во делот посветен на надворешната политика.