Движење без маски на отворено, организирање свадби, веселби на отворен простор до максимум 100 лица, но и присуство на публика на спортски натпревари што се одржуваат на отворено до 30 отсто од вкупниот капацитет на посетители.
Ова се само дел од измените на рестриктивни мерки што ги усвои Владата на вчерашната седница, по намалувањето на бројот на новозаболените од ковид-19. Останува на важност мерката за задолжително носење заштитна маска во јавен превоз, такси превоз и во сите затворени простори.
Се укинува мерката за забрана за групирање на јавен простор на не повеќе од четири лица. Исто така, зголемен е и бројот на лица на една маса во угостителските објекти, поточно од четири на шест лица со обезбедување на препорачаната дистанца меѓу лицата на масата. Се препорачува укинување на мерката за работа во смени и од далечина, а мерката полициски час продолжува да важи до 15 јуни.
Со реакција се јави независната угостителска комора (НУК) од каде што велат дека токму со новите препораки за организирање прослави, наместо да се влијае, ќе се предизвика хаос во работењето на угостителски објекти. Од комората исто така реагираат што не се консултирани претставници од оваа фела при носењето на овие протоколи.
– Доколку се точни медиумските најави за нови препораки, и се восхитуваме на умешноста на Комисијата за заразни болести кои од една страна со предлог-мерките дозволи организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор додека од друга страна постави нови правила и ограничувања за музичарите чие присуство со истата мерка е ограничено само при организирање на свадби, посочија вчера во соопштението.
Од НУК бараат од Владата при усвојување на протоколите да го врати членот 13 со кој ќе со дозволи организирање на музички настани со настап на музички уметници во отворен и затворен дел од објектот во сите угостителски објекти согласно протоколите за работа, а постојната препорака за јачина на музиката со која се ограничува максималното ниво на бучава во угостителските објекти за исхрана на 55 децибели, да ја укине во целост.
Исто така, бараат да се дозволи и на иста маса да седат повеќе од шест лица доколку се од иста фамилија.
Од Министерството соопштија дека поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти. Од таму велат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород, а Министерството за здравство има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.
Досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата „вакцинација.мк” е 433 787 граѓани. На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 236 878 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 2057 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 14.763 граѓани.
Во државата вкупно се аплицирани 331 034 дози вакцини, а ревакцинирани се 94 156 граѓани. Со последните бројки 47 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 41 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.