Никој во светот, ниту во било која земја не може да даде точно предвидување што може да се случи. Може да се случи да има мутација на вирусот која што е поконтагиозна од сите претходни соеви и тоа да ја смени епидемиолошката слика, смета министерот за здравство Венко Филипче.
– Нашата проценка со резерва, е дека следниот период од два месеца летни кои што се пред нас ќе биде мирна епидемиолошката ситуација. Сепак граѓаните треба да знаат дека мерките се дадени да се почитуваат, маската секогаш е тука, иако не е задолжително да се носи надвор. Но кога има групирање, не е лошо граѓаните да им е при рака и да ја стават. Сепак тоа е заштита за нивното здравје, истакна Филипче.
Министерството за здравство сѐуште нема конкретна информација кога би можело да се очекува пристигнувањето на најавените вакцини од Фајзер, обезбедени преку Ковакс системот, но точна најава нема ниту за руските пратки. Филипче вели дека во текот на вчерашниот ден добиле информација за вакцините коишто треба да пристигнат од Кина.
Министерот уште еднаш потенцира дека на сила остануваат да важат мерките кои досега беа донесени, односно ќе можат да работат само надворешните делови на угостителските објекти.