Во моментот кога владата и Министерството за образование и наука ќе заземат конечен став за отпочување на наредната учебна година и начинот на кој таа ќе започне, јавноста ќе биде известена, изјави министерката Мила Царовска при посетата на учениците во гимназијата „Никола Карев“ кои денеска полагаа матура по предметот мајчин јазик.
Таа, во име на ресорното Министество, изрази задоволство од сите процеси што се одвиваат за подготовка за наредната учебна година и воведувањето на дигитални учебници за учениците.
Царовска истакна дека денеска е значаен ден како како за матурантите така и за образовниот систем и оти како држава покажавме дека можеме да имаме образование кое што во континуитет се одвива целата учебна година и во време на пандемија.
– Исто така, покажавме дека знаеме и можеме безбедно да спроведеме матурски испити, што укажува дека се одржуваме во стандардите што се дел од европските и земјите што се развиени. Матурата е значаен чин заради тоа што тоа е на некој начин заокружување на еден степен на образование. Токму затоа денеска им посакувам среќа и многу знаење на сите матуранти денеска успешно да го завршат првиот задолжителен испит и многу среќа на вториот испит којшто е исто така екстерен, секако и на интерните испити, рече Царовска.
На овој начин, додаде Царовска, тие ќе направат заокружување на своето образование и ќе имаат можност да изберат понатаму каде ќе го продолжат високото образование или можеби дел од нив ќе одлучат да се вклучат на пазарот на труд.
– Јас укажувам дека е значајно тие согласно својата волја го продолжат образованието, своите знаења, афинитети, но да ги разгледаат и сите оние можности коишто ги нуди нашата државата понатаму за нивен развој и напредок, рече министерката Царовска.
Директорката на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска рече дека согласно концепцијата за матура и завршен испит за средното образование од четиригодишно траење денеска почнува полагање на матурата кое ќе трае во наредниот период.
-Се полагаат согласно договореното со Сојузот на средношколци, и два екстерни предмети. Оваа година за матура се пријавени 15.294 матуранти, од нив 7.050 од гимназиско образование, 7.983 од средно стручно образование и 261 ученик од средните уметнички училишта. Матурата по мајчин јазик ја полагаат денес, односно 10.848 кандидати полагаат македонски јазик и литература, албански јазик и литература денес полагаат 4.078 матуранти, а 272 полагаат турски јазик и литература, нагласи таа.