Неизвесна е судбината на македонските евроинтеграции во пресрет на Самитот во Брисел закажан за 22 јуни. Власта се надева дека конечно земјава ќе добие зелено светло за одржување на првата Меѓувладина конференција. Но, аналитичарите со малку попесимистички прогнози. Велат, Бугарија нема толку лесно да се откаже од „победата“ на која се надева бугарската јавност. Политичката ситуација во Бугарија, техничката влада и претстојните избори во земјата не се оптимални за решение на македонско-бугарското прашање, вели за НОВА ТВ, директорката на институтот за европска политика, Симонида Кацарска.
„Во оваа фаза јас не би ги подигала очекувањата од јунскиот самит на ЕУ во однос на усвојувањето на нашата преговарачка рамка и почетокот на преговорите. Околностите во Бугарија која повторно влегува во предизборен период и со техничка влада на чело на државата не се оптимални за исчекор во однос на ова прашање. Од друга страна, секогаш постои мал прозорец на можност кој е во сферата на дипломатското делување и беше очигледен со предлогот од португалското претседателство кој не беше отфрлен ниту од една од страните. И во тој случај, очекувам да има некое преодно решение за почеток на преговорите, при што треба да бидеме свесни дека дел до прашањата допрва ќе бидат предмет на дискусија во текот на преговорите“, рече Кацарска.
За извршниот директор на „Еуротинк“, Димитар Николовски, интензивирањето на разговорите со Бугарија, за кои вчера зборуваше премиерот Заев, е задоцнето, а привремената бугарска влада нема да се осмели на компромис.
„Според досегашните случувања, се испостави дека патот до Брисел (барем засега) води преку Софија. По офанзивата и лобирањето кај високи европски претставници, позитивно е дека конечно нашата влада реши да се сврти кон директни разговори со Бугарија. Сепак, и покрај оптимизмот на премиерот, сметам дека ова интензивирање е задоцнето, и дека привремената влада во Бугарија нема да се осмели на компромис кој нема да биде перцепиран како ‘јасна победа’ од нивната јавност. Според тоа, јас не сум оптимист за прва меѓувладина конференција на Самитот во јуни, но сум уверен дека овие интензивирани разговори ќе бидат добра основа за откочување на процесот во блиската иднина“, вели Николовски за НОВА ТВ.
Политичкиот аналитичар, Алберт Муслиу, пак смета дека постојат реални шанси, Македонија да добие зелено светло на јунскиот Самит на ЕУ.
„Не дека се бара од двете страни во моментот да изнајдат трајно решение затоа што тоа е процес. И мислам дека нашите пријатели и поддржувачи во Европската унија, а дури и во Бугарија каде што има делумно освестување дека целата работа непотребно заглави во ќор сокак, дека може да сторат дополнителен напор каде што двете страни ќе останат делумно и победници, нема да има ниту губитници и процесот ќе се одблокира. Тоа би бил најевропскиот начин на однесување во моментов, од кој ни Бугарија нема да има голема штета, затоа што реално како се престројуваат сите страни во ЕУ, не би рекол притисокот, туку укажувањата кон Бугарија се дека овој пат малку се претера“, вели Муслиу.
Конститутивна седница на Националниот совет за евроинтеграции
Евроинтеграциите и спорот со Бугарија беа тема и на денешната Конститутивна седница на Националниот совет за евроинтеграции која се одржа во Собранието. Во своето излагање, вицепремиерот за европски интеграции, Никола Димитров потсети дека Северна Македонија уште во март минатата година, доби безусловна одлука за пристапните преговори на Советот на ЕУ, консензуална на сите 27 земји членки, што подоцна се потврди и од Европскиот совет.
„Нашите црвени линии се предочени и добро познати на сите земји членки на Унијата и на институциите на ЕУ. Бараме решение кое е квалитетно и одржливо, кое не смее да навлегува во нашите идентитетски обележја и кое ќе биде еден вид инвестиција за градење односи на пријателство врз основа на заемна почит“, рече вицепремиерот Димитров.
Пратениците од опозицијата обвинија дека земјава доцни со многу реформски процеси, кои биле нотирани во извештаите на Европската комисија.
„Кредибилитетот на ЕУ никогаш не бил спорен, но особено ме загрижуваат неколку изјави на премиерот во последниве неколку месеци, а индиректно сега и од страна на вицепремиерот задолжен за европски интерации. И не би сакал немањето на игра на дневно политички план, да бараме алиби онаму каде што не треба да го бараме. Овој процес не треба да се монополизира, туку треба со добра воља и позитивна енергија да се тера напред. Треба да видиме што правиме со реформските агенди, она што вицепремиерот го зборуваше дека имало нови 19 закони во Собранието, мислам дека тоа не е реформска агенда. Нас ни требаат конкретни реформи, само така ќе можеме да се приближиме вистински кон патот до ЕУ“, Љупчо Пренџов од ГРОМ.
Стопанските комори, како дел од Националниот совет, побараа сите закони кои се носат во Парламентот да не останат само на хартија, туку вистински да се имплементираат и да се почитуваат.
„Она што е важно за стопанството е да види сигурност и стабилност во борбата против криминалот и корупцијата, против сивата економија, нешто коешто навистина не обременува. Апелот од деловната заедница е да се внимава на квалитетот и да се избегнуваат оние практики на брзо носење на закони под европско знаменце во Парламентот“, рече претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска.
Инаку, претседателот на Владата, Зоран Заев вчера навести нова дипломатска офанзива и интензивирање на разговорите со државниот врв на Бугарија. Тој најави средби помеѓу официјалните делегации на Скопје и Софија прво на Самитот на НАТО во Брисел на 14 јуни, а потоа на Самитот во Анталија кој ќе се одржи три дена подоцна, на 17-ти јуни.
„Верувам дека и билатерално ќе се видиме затоа што нашите министри за надворешни работи го доразвиваат планот за соработка. Се работи за секторскиот план од сите области што верувам дека ќе го утврдиме до крај. Јас дури верувам дека може да се одржи и Меѓувладината конференција во претстојниот период, а во меѓувреме да се усвојат сите потребни работи. Сето тоа може да биде од помош на добивање на тоа гласно да што го очекуваме на 22 јуни за одржување на првата меѓувладина конференција. Пред нас е значаен период и верувам дека може да го искористиме до максимум“, рече Заев.
ВМРО-ДПМНЕ и денеска обвини дека власта води тајни преговори со Софија и побара од државниот врв јавно да ги обелодени деталите од разговорите помеѓу двете земји.
Биљана Божиновска