За шест месеци во 2017 година, на пример, граѓаните собрале и предале само 419 литри употребено масло, а за истиот период оваа година – од јануари до мај 2021 – предадени се 2. 824 литри искористено масло
Се зголемува интересот кај граѓаните и компаниите во земјава за собирање искористено масло за јадење, кое потоа се рециклира.
Почнувајќи од 2009 година досега, само од домаќинствата во земјава биле собрани над 15 тони отпадно масло, а вкупно и од индустриското производство, над 5.000 тони. За шест месеци во 2017 година, на пример, граѓаните собрале и предале само 419 литри употребено масло, а за истиот период оваа година – од јануари до мај 2021 – предадени се 2. 824 литри искористено масло. За тоа колку ова искористено масло е штетно за животната средина, алармира и податокот дека само 1 литар може да загади дури до еден милион литри чиста вода за пиење!
Од маслото за јадење со кое пржиме помфрит, во Европа возат автомобили на био-дизел!
За интересот кај граѓаните за собирање искористено масло за јадење, кое потоа се рециклира, од компанијата „Суниленс“, којашто пред 12 години ја започнала оваа дејност, велат дека повеќе од 2. 000 домаќинства од целата земја собираат отпадно масло.
– Интересот кај граѓаните се зголемува, а преку проектот „Рециклирај и донирај“ , освен што се зголемува свесноста за собирање и рециклирање отпад, на граѓаните им нудиме и можност да донираат половина литар масло за јадење за собрани три литри искористено масло, но тоа можат да го задржат и за себе. Од мај 2017 започна овој проект, којшто е прв од тој вид кај нас. Во изминатите 4 години собравме 15 тони отпадно масло од растително потекло од домаќинства – велат за НОВАТВ од „Суниленс“.
За тоа колку често граѓаните ги повикуваат за да им го земат маслото што го собрале и каде од тавите и садовите потоа „патува“ искористеното масло, од компанијата одговараат:
– Некои еднаш во годината, а некои на три месеци нѐ викаат да го преземеме маслото што веќе го употребиле. За споредба, во 2017 година за шест месеци граѓаните предале само 419 литри употребено масло, а за истиот период оваа година – од јануари до мај 2021 – предадени се 2.824 литри.
Потоа маслото се преработува, се вадат сите нечистотии, по што готовата суровина се извезува како био-гориво.
– Нашата компанија е сертифицирана и за производство на био-маса, а производот што го добиваме од рециклирање на отпадното масло од растително потекло ние го извезуваме во странство, бидејќи кај нас нема производители на био гориво што тука би ја користеле оваа суровина. Додека во земјите на ЕУ го користат за производство на био дизел горива, спрема стандардот ЕН (EN) 14 214, велат од оваа компанија.
Досега само од домаќинствата во земјава биле собрани над 15 тона отпадно масло, а вкупно и од индустриското производство над 5.000 тони или 5.000.000 килограми од овој вид отпад, сметајќи од 2009 година.
Во периодот од 2009 – 2021 (заклучно со месец мај) во компанијата собрале, преработиле и извезле од земјава над 5.000 тони или 5.000.000 килограми .
– Важно е дека кај граѓаните се зголемува свеста за собирање на отпадно масло, и голем дел од нив се благодарни што повеќе не мора да го истураат искористеното масло во лавабо или на друго место и да ја загадуваат животната средина, туку придонесуваат за почиста околина. А секако, угостителските објекти се нашите најголеми собирачи на отпадно масло од растително потекло, односно хотели, ресторани, сендвичарници, како и други фирми кои подготвуваат храна. Наместо отпадните масла за јадење да се отстрануваат по депониите, да се користат за добиточна храна или да се исфрлаат директно во животната средина, нашиот систем за управување со отпад овозможува безбеден и стандардизиран кружен пристап за собирање и рециклирање на овој отпад, којшто е од корист на општеството и обезбедува правилно да се собира, третира и рециклира во нов зелен производ – биодизел – велат од компанијата.
МЗЖСПП: Потребно е да се инвестира во технологија, но и да се воспостави шема за собирање, што е скапо
Во врска со тоа има ли податок колку годишно во Македонија се создава отпадно масло и зошто од оваа суровина и кај нас не се произведува биодизел, од Министерството за заштита на животната средина и просторно планирање за НОВАТВ појаснуваат:
– Околу прашањата немаме точен податок колку се создава отпадно масло од домаќинствата, бидејќи не се собира одделно, (освен иницијативата на „Суниленс“), сѐ оди како комунален отпад од домаќинствата. За да се искористи отпадното масло како суровина за гориво, потребно е да се инвестира во технологија, ако имаат интерес правните лица може да го прават тоа согласно законот, само треба да се воспостави шема за собирање, што е скапо. Во РСМ има возила кои може да го користат ова како гориво, но сѐ зависи дали ќе има производство – вели м-р Ана Каранфилова Мазневска, раководителка на Секторот за управување со отпад.
Љубица Балабан