Донација од 20.000 дози вакцини на Астра Зенека од грчката Влада денеска пристигна во Македонија.
– Денеска од нашите пријатели од Владата на Република Грција ја примивме донацијата од 20.000 дози вакцини Астра Зенека. Оваа поддршка од грчката Влада, амбасадорот на Република Грција, Н.Е. Русос Кундурос и грчкиот народ се од голема важност за нас, за што им изразувам благодарност, објави на својот Фејсбук профил министерот за здравство, Венко Филипче.
За време на примопредавањето на вакцините на скопскиот аеродром на министерот Филипче и на амбасадорот на Република Грција, Н.Е. Русос Кундурос, им се придружил и премиерот Зоран Заев, кој се враќал од Брисел.
– Солидарноста меѓу пријателските земји во време на ковид пандемијата покажува колку е важно сите да бидеме сплотени во процесот на имунизација бидејќи тоа е единствениот начин да издвојуваме победа против вирусот Ковид 19 – вели Филипче.


