Македонскиот национален тим со пораз се збогуваше од ЕУРО 2020. Холанѓаните со одлична игра во вториот дел, дојдоа до победата над Македонија, која во првиот дел одигра храбро. Му беше поништен гол на Тричковски, а потоа и Трајковски ја погоди стативата.
Холандија поведе со еден сомнителен гол, откако не беше досуден прекршок над Пандев, па од противнапад Депај погоди во мрежата на Димитриевски.
Во вториот дел Холандија излезе далеку помотивирана, па така Вијналдум во 51. и во 58. минута дојде до брзи два гола, и до 3:0. Вергорст ја погоди и пречката за поубедлив триумф на Холандија, а повторно беше поништен гол за Македонија, на Чурлинов поради офсајд.
Во 68. минута од мечот, моменти за историја. Горан Пандев беше повлечен од игра, па сите го поздравија македонскиот капитен кој го одигра последниот меч. Соиграчите направија шпалир, а беше поздравен и од премиерот Зоран Заев кој беше на трибините во Амстердам, како и некогашниот негов соиграч Весли Снајдер.