Момчето кое вчера настрада во сообраќајка на Халкидики во Грција потекнува од Гевгелија, а имало и привремен престој во Певкохори, информираат од Министерството за надворешни работи.
– На 04.07.2021 (недела), утрото во 06.20 часот, на 35 км од локалниот пат Мудања -Палјури, возилото со регистарски таблици VE-12E-VE, управувано од државјанинот на РСМ, П. Б., роден на 07.09.1999, со постојано место на живеење Гевгелија и привремен престој во Певкохори, движејќи се од Ханјоти кон Полихроно, претекнувајќи, излета надвор од коловозот и во продолжение удри во друго возило со регистарски таблици XKM-5759, коешто беше паркирано на службениот паркинг, сопственост на фирма. Сообраќајната незгода заврши со трагични последици по животот на возачот и лесни телесни повреди кај сопатникот И. С., роден на 18.03.2000 во РСМ. Повредениот сопатник, со возило на Итна помош беше пренесен во Главната болница на Халкидики-Полигиро, додека телото на возачот првично е пренесено во Здравствениот центар во Касандра. Издаден е налог за аутопсија и вештачење на возилото – појаснуваат од МНР.
Истрагата е во тек.
Дополнителни информации во врска со сообраќајната несреќа во Грција се oд Сообраќајната полиција од Мудања.