Откако поради пандемијата со Ковид 19 лани по втор пат беше одложена, годинава од 16-ти до 18-ти јули, ќе се одржи 47-мото издание на културната манифестација Галичка свадба 2021. Оваа година љубовта во Галичник ќе ја крунисаат Филип Бундовски и Катерина Илиевска кои лани беа избрани за зет и невеста. Планирано е Галичката свадба да се одржи согласно протоколите за заштита и спречување на ширењето на Ковид 19 кои ќе се применуваат за организација на настани на отворено.
– Повторно дојде времето да се постави мостот меѓу минатото, сегашноста и иднината. Создавајќи магија во која времето и не игра којзнае каква улога, да ги оживееме обичаите, да ги исткаеме метафизичките конци протегнати од исконот, да го збуниме разумот заматувајќи ги границите меѓу реалното и надреалното, да ги разбудиме сите сетила. Среќни што годинава можеме тоа да го направиме, среќни што сме овде, што сме здрави, и сеќавајќи се на оние кои ги изгубивме патем во тешката година што измина, и кои и покрај тоа ќе бидат со нас, поканети, присутни. Со особена чест, токму на денешен ден, објавуваме дека под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и со помош на нашите пријатели и поддржувачи, од 16-ти до 18-ти јули, ќе се одржи 47мото издание на културната манифестација Галичка свадба 2021! Благодарност за покровителството и за поддршката од спонзорите, напишаа организаторите на својот фејсбук профил.
Одржувањето на оваа манифестација е инспирирана од желбата на жителите на Галичник да ги сочуваат од заборав обичаите карактеристични за мијаците. За православниот празник Петровден се случувало и повеќе десетици двојки да се венчаат во ист ден. Причината за одржување на толку венчавки во кус период е во доаѓањето на мажите од печалба.
Неретко се случувало, мажите да направат свадба и кусо време да ги напуштат своите сакани. Овој период се користел и за свршувачки, по што отпочнувале подготовките за свадба.Инаку, Галичката свадба беше одложена два пати поради пандемијата со Ковид 19.
– Драги наши, И покрај огромната желба и напорите што ги направивме да создадеме услови да ја одржиме традицијата на Галичката свадба макар и на Богородица, сепак, за жал, објективните околности бараат од нас да направиме голем компромис. Традиционалната манифестација Галичка свадба, со придружните забави годинава нема да се одржи. Општото добро за Галичани било секогаш на прво место! Така и годинава, борбата со Ковид 19 бара колективна дисциплина и одговорност, соопштија орагнизаторите во август мината година.